(Обновено)
Велики Петок е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велики Петок. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.
Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа. И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината...“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“
По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.
Гетсиманија – молитва и страданија
Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни при¬мер и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава).
Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота.
Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе.
Пред жртвениот подвиг на Голгота, Спасителот бил во неискажливи маки во Гетсиманија. Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе, молејќи Му се на Отецот, и тоа пред Своите тројца најверни ученици: Петар, Јаков и Јован, како што предвидувал Законот – двајца или тројца сведоци (5. Мој. 19,15). Тие биле сведоци за Неговите искупителни, душевни страдања, а пред нив Он и се преобразил (Матеј 17,1-2) и во нивно присуство ја воскреснал Јаировата ќерка (Лука 8,51).
Христовото тагување и страдање во Гетсиманија е израз на човечката природа во Богочовекот. Неизмерни биле Христовите страдања во Гетсиманија, бидејќи неизмерна била и грешноста на луѓето, која Он ја зел врз Себе и Му предизвикала големи болки. Големи биле Неговите гетсимански маки, бидејќи во Него и преку Него плачела и барала спасение целата човечка природа.
Вообичаено, во Христово време, на Исток, а особено меѓу Евреите, луѓето се молеле стоејќи, со подигнати раце кон небото (1.Тим. 2,8; Лука 18,11 и 13). Овде се вели, Господ Исус Христос „падна на земја и се молеше“. Молитвите и молењата со приклонети колена на земја, биле израз на духовна тежина и внатрешна борба и тие биле ретко практикувани (спореди: 4. Мој. 16,22).
Евангелистот Лука ја покажува психолошката-духовна борба и реакцијата на телото со изобилство на пот и капки крв, како израз на тешката душевна борба. Дека Спасителот во Гетсиманија многу пострадал заради гревот на сиот човечки род и тоа со страданија какви што не страдал никој, сведочи и евангелскиот опис дека „потта Му била како капки крв“. Тоа го предизвикала човечката природа во Христа, која сосема природно реагирала во моментот на предавството, фаќањето, врзувањето, бичувањето, плукањето, страдањето и смртта. Сето ова било појако изразено во Неговата човечка природа, зашто Господ Исус Христос знаел сè што Го чека, а тоа и го предрекол пред Своите апостоли (Марко 10,32-34). Он знаел за сето тоа и за сè што ќе се случи од Гетсиманија до Голгота – до Неговиот последен крик на крстот: „Се сврши!“ (Јован 19,30). Со истите зборови и во Гетсиманија рекол: „Свр¬шено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на греш¬ници“ (Марко 14,41). Предавникот бил сосема близу. Хрисос рекол: „Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“ Тоа не значи да бегаме, туку да се сретнеме со непријателите; да тргнеме по долгиот пат; да одиме по патот на страданијата – до Голгота!
Повеќе...