14/10/2014
Што е духовната суштина на чесниот покров на Царицата Небесна?
Тоа е Нејзината милост, Нејзиното сострадание и љубов кон нас, грешните. Нејзината желба ние да го добиеме вечното спасение.
Таа, откако и Самата страдала така, ни сострадува и на нашите страдања и маки, тагува со нас за нашите гревови, сака да ни помогне во настанатите беди, кои најчесто се последица на истите гревови – и често, кога тоа е полезно за нас, ни помага на најчудесен начин! Живиот многувековен опит на богопросветеното човештво сведочи за тоа – запечатенн во безбројно множесво преданија и раскази, летописни древни натписи и сосема современи сведоштва за најнови пројави на помошта и покровот на Пречистата на оние, кои благоговејно го призиваат Нејзиното благословено име и сега. За тоа зборуваат и трогателните имиња на многуте икони на Богородица: на пример, „Згасни ја мојата тага“, „Неочекувана радост“, „Застапничка за грешните“ (нивна Застапничка пред Бога)…
Во нашите души имаме сигурно духовно пристаниште – Пречистата Мајка Божја, Која ни помага во борбата со нашите гревовни страсти.
Таа е секогаш подготвена, во одговор на нашите искрени молитви, да нè покрие, да нè заштити со Својот небесен покров како од последиците на нашите сопствени гревови, така и од злобата на гревовниот свет. Во маките и страдањата, кога често ни изгеда дека нема веќе никаков излез од тешката ситуација, сеќавајте се, секогаш сеќавајтесе, дека имаме Голема Помошничка, дека сите ја имаме Неа – колку и да сме грешни и недостојни за Нејзиното молитвено покровителство и заштита.
Доаѓајте кај Неа како кон наша Голема Надеж и Застапничка пред Нејзиниот Син и Господ, – и Таа ќе ни ја подаде раката на Својата небесна помош и ќе нè покрие со Нејзиниот чудесен Покров. Амин.
Извор: Преспанско- пелагониска епархија