УТРЕНА
Седлен, глас 8.
Едногласно да го восфалиме непресушниот и животворен извор, од кого течат божествени потоци, просејќи благодат, бидејќи тој катадневно точи исцеленија, така што, течењето на реките, во споредба со него, се покажува помало. Затоа, пристапувајќи со љубов и верно, од Изворот налеваме неисцрпно здравје, навистина бесмртно, верно поросувајќи ги срцата на благочестивите. Со усните да повикаме: Ти си утеха на верните!
Кондак, глас 8.
Богоблагодатна Дево, од твојот извор кој тече непрестајно, ти ми даваш вода од твојата благодат неискажливо. Затоа ти се молам тебе, која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да ти викам: Радувај се, водо спасителна!
Икос: Неосквернета Богородице, која Го роди Словото на Отецот, Кое пред вековите се роди нераспадливо, рашири ја мојата уста, Чиста, за да можам да те славам и да му ја принесам на твојот извор оваа пофалба, викајќи:
Радувај се, извору на радост непрестајна!
Радувај се, теку на неискажлива добрина!
Радувај се, ослободување од различни болести!
Радувај се, потопување на секакви страсти!
Радувај се, водо провидна, која верните ги правиш здрави!
Радувај се, благодатен брану, кој лекуваш различни болести!
Радувај се, чашо на животочна манна!
Радувај се, од Бога излеана бањо и нектару!
Радувај се, водо на премудроста, која го отстрануваш незнаењето!
Радувај се, омекнување на срцето, кое излева храна божествена!
Радувај се, пристаниште на изнемоштените!
Радувај се, ти која го гаснеш пламенот на болните!
Радувај се, водо спасителна!
Егзапостилар:
Владичице, ти си навистина Изворот на жива вода, бидејќи ги лекуваш тешките болести на душите и телата, само со допир до тебе, излевајќи ни Го Христа - водата на спасението.
Извор: ЦВЕТЕН ТРИОД
Подготви: Т.С.