Во она време, Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.” И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!” И така оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души. И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите. И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите. Дела 2,38-43
Меѓу фарисеите беше еден човек по име Никодим, кнез јудејски. Тој дојде при Исуса ноќно време и Му рече: „Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чудеса, што ги правиш Ти, ако не е со него Бог.” Му одговори Исус и рече: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.” Никодим Му рече: „Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?” А Исус му одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора. Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух.” Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?” Исус одговори и му рече: „Ти си учител Израилев, па тоа ли не го знаеш? Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она, што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате. Кога за земни работи ви зборував и не верувавте, како ќе поверувате, ако би ви говорел за небесните? Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој пребива на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен. Јн. 3,1-15 Ерусалим
+++
Навистина, добродетелен е трудот на оние што со здрави причини ја побиваат лагата што упорно се крева против вистината на Воскресението. И ти читај ги и вооружај се со тие причини. Но, при сето ова не биди мрзелив во себе да направиш што е поголемо место за влегување на силата на Воскресението Христово. Што повеќе се трудиш, толку повеќе ќе дишеш со воздухот на Воскресението, и толку побезопасни ќе станат сите ѓаволски стрели што се насочуваат против оваа вистина. Ќе прашаш: „Што треба да направам околу тоа?“ Ништо посебно! Само биди тоа што треба да бидеш според заветот што си го дал на светото Крштение, кое и е наше Воскресение! Плукна на сатаната и на сите негови дела: продолжи на ист начин да се однесуваш кон него. Се соедини со Христа: остани со Него. Делата на темнината и на светлината се познати. Од првите бегај, а ревнувај за вторите. Ова прави го без никакви отстапки, ни најмали, за да го запазиш правилото: нема ништо заедничко меѓу светлината и темнината, ни меѓу Христа и Велијар.
Св. Теофан Затворник
Извор: http://pravoslavie.mk.