Познатиот француски философ Дидро бил воспитувач на рускиот престолонаследник. На еден прием во дворецот тој го сретнал Московскиот митрополит Платон. Додека разговарале, Дидро му рекол на митрополитот:
– Знаете ли, еден голем философ рекол дека нема Бог.
– Многу задоцнил тој философ – одговорил митрополитот. – Тоа е кажано многу одамна.
– Одамна ли? Кога и од кого? – зачудено прашал Дидро.
– Пред илјадници, илјадници години… Уште во Библијата е кажано: Рече безумниот во срцето свое: Нема Бог! (Псалм 13,2).
Безбожниците вообичаено ја боготворат науката и тврдат дека наводно науката докажала оти нема Бог. Според нивното тврдење, некогаш сите верувале, затоа што науката тукушто почнала да се развива и луѓето не можејќи да си објаснат многу од природните појави, ги обоготворувале, а кога науката напреднала сите ги оставиле своите „религиозни заблуди“ и… станале носители на прогресот, т. е. на безбожието.
Ние тука нема да спориме, туку само ќе покажеме дека безбожието – во својот практичен и теоретски вид – е толку старо колку и човекот.
Уште на самиот почеток, отфрлањето на Бога од страна на Адам и Ева, се состоеше во тоа што тие му поверуваа на ѓаволот дека можат да станат исто така богови, исто толку совршени како Бог, исто толку себлажени.
Градењето на Вавилонската кула
Градителите на Вавилонската кула ја повторија грешката на нашите прародители, но во уште попримитивен вид. Тие си вообразија дека со својата творба можат да ги достигнат небесата и таму да царуваат заедно со Бога – идеја која се врти во главите и на многумина други, космонаути или астронаути, или, пак, архитекти и градители на современи вавилонски кули, било да се материјални или духовни.
Инаку, теоретското безбожие, како искуство на философскиот систем, се развива уште во VI век пред Христа. Во тоа време во Индија, малку пред појавата на будизмот, гледаме едно чисто атеистичко учење во философијата на Синкја. Околу 100 години подоцна, Јуан во Кина мислел дека нема никаков Бог и проповедал целосна слобода во однесувањето: „Секој да си живее како што сака“.
Некаде околу тоа време – V век пред Христа, атеизмот продира и на Европската почва. Првиот Европеец, којшто бил „удостоен“ да биде наречен атеист е Дијагор Милоски. Дијагор бил философ и поет, отпрвин пишувал химни во чест на Вишниот Дух, но потоа загубил сопственост над некакво дело, се разочарал во Бога и започнал да пишува и философира против Него. Логиката тука е следнава: Штом Ти Боже, не ми го устројуваш животот тука на земјата, така што да бидам богат и да немам потреба од ништо, значи Тебе Те нема ни на Небесата!
Како еден неоспорен атеист на елинската философија се посочува философот Епикур (341-270 пред Христа), еден од авторите на атомската теорија за создавање на светот. Според неговата материјалистичка философија, секој човек треба да се стреми да доживее колку што може повеќе земни задоволства и наслади, без да се притеснува или срами, зашто богови нема, душа нема, грев нема, сѐ е
Лукрециј Кар
дозволено. Негова е мислата дека ние луѓето не јадеме за да живееме, туку живееме за да јадеме. Како еден добро познат вид на животни, со таа разлика што не нѐ колат.
Најголема пропаганда на атеизмот во древниот свет направил римскиот философ Лукрециј Кар (99-55), со својата поема „За природата на нештата“. Лукрециј во афект на безумие, се самоубива.
Древниот Цицерон имал обичај да вели: „Се сомневам во нормалноста на човекот кој Го одрекува Бога“. Ете го ставот на чесен човек, иако паганин. И Библијата го вели истото: Рече безумниот во срцето свое: Нема Бог! (Псалм 13,2). Но, безумниот не е за потсмев, туку за сочувство и сожалување. Затоа ние велиме: Отче прости им оти не знаат што прават! (Лука, 23,34).
Извор: Бигорски манастир
28-ми август 2018 лето Господово