Христијанскиот живот е една борба. Првиот чекор на христијанинот е да научи да се бори. Од мигот кога христијанинот ќе посака да Го следи Христа, почнува една борба, една војна.
Апостолот Павле пишува: „Оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6,12). А Господ рече: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Мат. 10,34), и „непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни“ (Мат. 10,36).
Потребно е христијанинот да научи да се бори, да се бори против неговите непријатели. Непријатели на христијанинот не се луѓето околу него. Непријатели на христијанинот се ѓаволот, светот со неговиот грешен разум. Непријател на христијанинот е самиот тој, со неговите слабости и страсти.
Не сме сфатиле дека единствен непријател и напаѓач е ѓаволот. Господ го нарече „човекоубиец“, бидејќи му завидува и го мрази човекот и ја сака неговата пропаст. Ги ползува слабостите и страстите кои ги имаме и нѐ напаѓа дење и ноќе. Тој е подол и измамник непријател. Се покажува уште и како „ангел на светлината“, успева да се скрие, да се камуфлира од очите на луѓето за да ги победи полесно.
Користи методи и начини за да нѐ измами. Тој е лукав дух и нѐ напаѓа со помисли лукави и измамнички. Ни ветува сладострастија, уживања, забави, одмори, богатство и голема слава. Ова го направи и со нашиот Господ на гората на искушенијата.
Повикани сме да го победиме овој непријател со благодатта и силата Христова. Господ рече: „Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди“ (Лука 10,19).
Втор непријател подеднакво опасен е светот кој нѐ опкружува, се разбира, не луѓето, туку световниот менталитет кој преовладува во светот. Светот сака да го стави својот печат врз нас.
Светот е непријател Божји: „Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јак. 4,4). Христијанинот живее во светот, но не е од светот.
Но непријател на христијанинот е самиот тој. Тој е поопасен и од другите два. Себеси секаде се носиме, дома, на улица, на работа, па дури и во Црквата. Тој е еден неодделив другар на нашиот живот.
Нашето себеси со неговите слабости и страсти, е еден противник на нашиот духовен живот. Повикани сме тоа наше себеси да го отфрлиме и да се ослободиме од него. Господ рече: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Мат. 16,24).
Нашето „себеси“ има длабоки корења и бара добра борба за да се ослободиме од него. Верникот е повикан да се бори против овие три непријатели без помирување и отстапување, користејќи ги сите оружја и средства на благодатта кои му ги дава Бог, за да остане верникот во Неговата волја.
Превод од грчки јазик:
Свештеник Јани Мулев