логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Горниот престол

Со Трисветата песна, служителот и верниците, заедно, се поистоветуваат со ангелските војски во делото на прославување на Бога. Свештеникот и ѓаконот сега, движејќи се помеѓу светото Предложение и Горниот престол, им подражаваат на ангелските Чинови, кои со крилата летајќи околу Тронот Божји Го прославуваат со непрекинато славословие49. Така, не само преку ангелската Трисвета песна, туку и преку ангелските движења, го доживуваме искуството на сослужување на небото и земјата.
Одејќи кон светото Предложение, служителот Го прославува Господа кој доаѓа во светот: Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Господ Кој доаѓа е Благословен и Син на Благословениот. Го благословуваме и Го прославуваме не затоа што ние Нему нешто Му допринесуваме, туку што самите се стекнуваме со голема добивка50.
Му принесуваме на Христа слово добро (еу+логој), а Тој ни се принесува Себе кој е Логос и Добро.
Служителот од светото Предложение оди на Горниот престол, значи на епископскиот трон кој се наоѓа источно од Светата Трпеза. Епископскиот трон го символизира Престолот Божји: “Горниот престол укажува на наднебесниот Престол Исусов”51. Овој символизам го подвлекува и славословот на служителот: “Благословен си на престолот на славата во царството Твое”, изразот на химната на трите момчиња. Истовремено служителот ги подражува херувимите кои Го благословуваат Бога: Благословена е славата Господова од ова место52.
Земната Света Литургија е една жива иконизација (образ, слика) на Небесната Литургија: “Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, - од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете. И воскликнуваа со висок глас, велејќи: За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот! А сите Ангели... му се поклонија на Бога, велејќи: Амин! Благослов и слава, премудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!53”

Потоа ѓаконот: Да внимаваме.
Читачот го огласува стихот на прокименот.
Ѓаконот: Премудрост.
Читачот ја произнесува апостолската перикопа, а ѓаконот ја кади Светата Трпеза, иконите на иконостасот и народот од чесните Двери.
Свештеникот по завршувањето на Апостолот: Мир на тебе, што ни читаше.

Преднајава на присуството Христово

Пред читањето на апостолските перикопи, читачот го огласува прокименот, бидејќи тој не воведува во тајната на Логосот54. Свети Герман вели дека прокименот го символизира откровението на Светите Тајни “и преднајавата на присуството на Царството Христово”55 од страна на пророците. Затоа за прокимени се употребуваат стиховите од Псалмите, бидејќи тие ни проповедаат за убавините Божји.
Во старите времиња прокимен бил целиот Псалм кој верниците го пееле поделени во два хора. Свети Максим пишува дека умилноста на овие песни, прокименот, како и сите химни кои се пејат на Светата Литургија, ја пројавуваат “сладоста на Божествените добра. Онаа сладост која ја придвижува душата спрема чедната и блажена љубов Божја, а предизвикува најголемо гнасење спрема гревот. Душите, обземени од божествениот копнеж, ги забораваат претходно вложените напори за добродетел. А тие божествени и непропадливи добра, кои се уште не ги стекнале, пламено ги посакуваат и со младешка бодрина ги бараат”56.
Пеењето ни го очистува срцето и ни го просветлува умот за да ја прифатиме пораката на спасението: “Кога химнологијата ги доведува во хармонија нашите душевни расположенија со она што набрзо потоа ќе се служи, и преку едногласието на свештените песни воспоставува едномудрие спрема светињите и едномислие помеѓу нас и другите... она што во химнологијата на псалмите е скратено и засенето, се развива со побројни и појасни слики и со наводи од свештените читања на библиските текстови”57.

Свештеникот, стоејќи на солеата, огласува: Премудрост, право да стоиме, да го ислушаме светото Евангелие. Мир на сите.
Народот: И на твојот дух.

Да го воздигнеме нашиот умот  над овоземните нешта

Поттикот, исправени да го слушнеме Господа, кој ни говори преку читањето на светите книги, значи, за да го разбереме словото Божјо, и умот наш над се земно да стои: “Право да стоиме, да го слушнеме Светото Евангелие. То ест, да го воздигнеме нашиот ум, со неговите делата над земното, и да ја сфатиме пројавата на се што е добро58.
Служителот, кога вели: “Премудрост, право да стоиме”, не поттикнува да разговараме со Бога не умртвено, туку со ревност и побожност, да покажеме смерен став на телото, бидејќи таков е ставот на оние кои се молат. Тоа е положбата на слугите, кои севкупниот свој ум го држат подготвен за знакот на господарите, за да бидат готови да потрчаат да ги послужат... и ние пред Господа сме молители кои бараат најголеми добра”59.
Најголемата шанса на злиот, да ни ги украде добрата кои ни ги овозможува читањето на светите книги, е нашето униние (духовна мрзоволност, успиеност, пасивност; прим.ред): “Неисцрпно е ова духовно богатство (значи Светото Писмо) и кога се поставува во ризницата на нашиот ум, постанува недостапно на секоја желба овоземна, освен, ако ние од духовна мрзеливост не дадеме некоја можност да ни се одземе. Бидејќи, нашиот непријател, лукавиот ѓавол, кога ќе види собрано духовно богатство, го обзема манија, тој ги остри забите и  непрекинато демне за да најде погодна прилика да ни одземе нешто, од она што го имаме. Ниедна друга прилика не е по погодна за тоа, од унинието. Затоа, треба непрекинато да бдееме и да му ги затвараме приодите”60.
Просторот во кој не води свештеното чтение е владеењето на Царството Небесно. Евангелистот, кого го слушаме секој пат, е наш водич кон оваа Држава, за во неа да влеземе со соодветна подготовка. Со будност и стражење. Бидејќи, оваа држава има царски и раскошен карактер. Значи, ширум да ги отвориме дверите на умот, да го отвориме нашиот слух, и со голем страв Божји, како да влегуваме во Неговото предворје, да се поклониме на Царството Негово... Не влегуваме во тој град на Царството со бучава и немир, туку со мистично молчење61.

Ѓаконот: Ќе се чита од  светото Евангелие според (име).
Свештеникот: Да внимаваме.
Народот: Слава Ти, Господи, слава Ти.
Ѓаконот ја чита евангелската перикопа на денот. По завршувањето на читањето на Евангелието, свештеникот, благословувајќи го ѓаконот, вели: Мир на тебе, што благовестуваше.
 Народот: Слава на Тебе, Господи, слава на Тебе.


Евангелието на Царството

 Словото кое на луѓето им ја открива тајната на Божествениот домострој се нарекува Евангелие. Тоа слово е радосна - добра вест (еу + аггелиа= добра вест), бидејќи Бог слегол на земјата да го спаси човекот: Еве, ви соопштувам голема радост... зашто денеска ви се роди... Спасител, Кој е Христос Господ. Исус Христос е радосната Вест на Евангелистот: “Тој е Евангелие на спасението наше”62.
Евангелието е слово за Логосот Божји: “Што може да се спореди со оваа Благовест”, се прашува светиот Златоуст? Бог на земјата, човекот на небото. Се се' соединило: Ангелите слават заедно со луѓето, луѓето учествуваат во животот на ангелите и другите Небесни сили. Беше можно да се види смирувањето на долгогодишната војна, измирувањето на Бога со луѓето, ѓаволот посрамотен, демоните како бегаат, смртта како е разрушена, рајот како се отвара, проклетството како исчезнува, гревот како бега од пределите помеѓу човекот и Бога, измамата изгонета, вистината воспоставена, словото на побожноста како насекаде се сее и богато раѓа, животот небесен засаден на земјата”. Затоа Евангелистот го нарекол Евангелието подробно изложување на животот Христов. Бидејќи, се друго се само зборови, лишени од вистинска содржина... Меѓутоа, проповедите на рибарите, учениците Христови, можат да се наречат вистинити и, буквално, Евангелија. Не само затоа што се постојани и несоборливи добра повредни од нас, туку затоа што со ваква леснотија ни се дадени. Ниту сме се умориле, ниту сме се испотиле за нив... Туку сме го засакале Бога и сме го добиле тоа што сме го добиле”63.
Верниците ги имаат во предвид сите овие добра и, пред да почне евангелското читање, со стравопочитување Го прославуваат Господа: Слава на Тебе, Господи, слава на Тебе. Ист славослов го потврдува и крајот на читањето.
***

Свети Максим Исповедник, толкувајќи го читањето на Светото Евангелие во врска со Второто доаѓање на Христа64, вели дека тоа “го пројавува крајот на светот”. По читањето на Светото Евангелие, архиерејот слегува од тронот, и служителот дава отпуст. Катихумените (огласените, оние кои се подготвуваат за крштевање; прим. ред) и оние кои се недостојни лице во лице да се сретнат со Светите тајни кои треба да се појават, се оддалечуваат (од наосот, од просторот во храмот во кој остануваат верните; прим.ред). Читањето на Светото Евангелие ја изобразува и само по себе ја покажува вистината за свршетокот на светот... и како да разгласува дека, откако Евангелието на Царството ќе биде проповедано по целата вселена... тогаш ќе дојде крајот”65.
За време на траењето на Евхаристиското собрание Христос слегува во слава “на што укажува слегувањето на архиерејот од тронот”66. Со оддалечувањето на катихумените, и оние кои не се достојни да учествуваат во Тајната (се мисли на оние кои не се достојни, односно, подготвени да се причестат со Телото и Крвта Христови; прим.ред) која се врши во продолжение, даден ни е предвкусот на Царството и вечната радост на верниците кои учествуваат во Неговата Вечера.

Господи помилуј

На секоја прозба, со која служителот се обраќа кон Бога, верните пеејќи одговараат три пати: Господи помилуј. Преподобниот Никола Кавасила пишува дека “да се бара од Бога милост, значи да се бара Царството Негово кое Христос го ветил дека ќе им го даде на оние кои го бараат, а ќе им придодаде и други добра кои им се потребни. Затоа верните се задоволуваат со оваа прозба: бидејќи таа важи за сите заедно”67.
Господи помилуј: “Ова е прозба на осудените кои, откако им е одземена секоја одбрана и немајќи ништо да изнесат во свое оправдување, му го упатуваат овој пресуден глас на судијата. Очекуваат да го постигнат она што го бараат, не затоа што тоа е барање на правдата, туку поради човекољубието на судијата. Со овој чин ја потврдуваат големата добрина на судијата и тоа “дека самите не се добри. Првото е дело на благодарност, а второто на исповед”:
“Јас пак, Господи гледаш, никогаш не поверував
на спасението на душата преку работа и делата свои,
туку, тебе Ти прибегнав Човекољубче,
во милоста Твоја надевајќи се,
дека спасение ќе ми подариш, Семилосрден,
и како Бог ќе ме помилуваш, како некогаш блудницата
и блудниот син, кој запилка: Згрешив!
Верувајќи во тоа, поитав, и во тоа надевајќи се, дојдов”68.

Ѓаконот: Огласени, помолете се на Господа.
Народот: Господи помилуј.
Ѓаконот: Верни,  да се помолиме за огласените, Господ да ги помилува.
Да им го открие Евангелието на правдата.
Да ги присоедини на Својата Света, Соборна и Апостолска Црква.
Боже, заштити ги, спаси, помилувај и запази ги со Твојата благодат.
Огласени, вашите глави приклонете ги пред Господа.
Народот: На Тебе, Господе.
Свештеникот: Господи Боже наш, кој на височините живееш и на смирените гледаш, Кој си го испратил спасение на родот човечки, Твојот Единородниот Син и Бог, Господ наш Исус Христос, погледни на огласените слуги Твои, кои пред Тебе ги приклониле главите свои, и во погодно време удостој ги за бањата на повторното раѓање, отпуштање на гревовите и негнилежна одежда , присоедини ги кон Твојата Света, Соборна и Апостолска Црква и вброј ги кон Твоето избрано стадо.
Та и тие со нас да Го слават Твоето пречесно и великолепно име Твое, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, и секогаш и во вечни векови.

Огласените (Катихумени)

Во секое време Црквата има огласени: луѓе кои слушнале за Христа и изразиле желба да се крстат во името на Троичниот Бог. Во периодот кој претходи на светото Крштевање, Црквата со соодветно учење ги подготвува огласените да постанат Нејзини членови. Ова поучување се нарекува катихеза, а оној кој го врши - катихет.
Во апостолските времиња катихезата била многу кратка: обично само една беседа (на пример: проповедта на апостол Петар на денот на Педесетницата, поуката на Филип на евнухот на царицата од Кандакија, и.т.н.). Во апостолските времиња, систематската катехизација на просветените (крстените) се случувала по Светото Крштевање.
По апостолското време катихезата трае значително подолго. Апостолските Установи говорат за тригодишна катехизација која можела да се скрати доколку катихуменот покажел посебна ревност: “Оној кој треба да се поучува во верата, три години да се поучува; ако е исклучителен или покаже наклоност кон поучување, се прифаќа69; бидејќи, суди не на основа на времето, туку на основа на начинот на изучувањето”. Тригодишна катихеза наведува и Апостолското Предание на свети Иполит и свети Григориј Богослов70.
Откако катихумените ќе поверуваат во словото на вистината и ќе ветат дека ќе живеат согласно на тоа учење “ги водиме на местото каде има вода, за повторно раѓање, како што и ние повторно сме се родиле”71.
Катихумените се уште не се присутни пред Бога. Потребна им е нашата подршка и љубов. Затоа служителот не поттикнува да се молиме за огласените. “Грижливата мајка Црква”, вели светиот Златоуст, “го подигнува цел собор на верници да се молат за огласените, дури и ако не ги познаваат. Тие се уште не припаѓаат на Телото Христово, не се причестиле со Светите Тајни, туку се уште се одвоени од духовното стадо... Стојат надвор од царските дворови, далеку од свештените градини. Затоа во часот на читање на “страшните” молитви се оддалечуваат. Поради тоа и те преколнува (служителот) да се молиш за нив, да постанат твои членови, да не се туѓи и оделени”72. Бараме од Христа да ги помилува огласените слуги свои. Преку устата на катихетот самиот Тој да ги научи на словото на вистината. Да им го открие Евангелието на правдата, значи самиот Себе, и да ги направи членови на Неговата Света Црква. Ова треба да се случи тогаш кога ќе дојде соодветното време за нивно духовно раѓање и обнова: во време погодно.
Огласениот при тоа, со равнодушноста или мрзливоста, не треба да одолговлекува со Светото Крштевање. “Затоа Црквата со изобилство на љубов го повикува: Ти кој си огласен, и надвор од Рајот, остануваш заедничар на прогонството на прататкото Адам. Сега пак, кога се отвора вратата, влези таму од каде си излегол, и не доцни, да не дојде смртта и да ти го спречи влезот”. “Симни го од себе стариот човек, смрдливата долама преполна со срамота. Прими ја облеката на непропадливоста која Христос ја развиткал и ти ја пружа да ја облечеш; не пренебрегнувај го дарот за да не го навредиш дародавецот”73.
Огласените треба да се просветлат и да се препородат преку Светото Крштевање. Светата Црква ги повикува да ги преминат дверите на вистинскиот Живот.

Ѓаконот: Вие, кои сте огласени, излезете; огласени, излезете;
 вие, кои сте огласени, излезете; да нема од огласените.
 А вие, верните, повторно и повторно во мир да се помолиме на Господа.
Боже, заштити не, спаси, помилуј и запази не со Твојата благодат.
Премудрост.

Отпуст на огласените

Катихумените се отпуштаат: тоа е дело на љубовта на Црквата заради заштита на оние кои се уште не се родени во Христа.
Катихумените се зачетоци кои настануваат во заедницата на верните. Со катихезата се развиваат и се здобиваат со изглед и облик. Се негуваат во светата материца на Црквата и напредуваат кон “божественото раѓање”. Меѓутоа, сега се уште не се родени. Не можат да ја сретнат светлината вистинска, бидејќи се уште не се облекле во светла одежда - во Христа.
На ова ниво на духовно возрастување на огласените - мудрата и грижлива Мајка - Црквата ги храни со лесно сварлива храна: “Им дозволува на огласените да ја слушнат мелодијата на Светите Псалми и свештените чтенија од Светото Писмо. Меѓутоа, не ги прима во продолжението на извршувањето на Светото Свештенодејство”74.
Во Животот не можат да учествуваат оние кои не учествуваат во Вистината. Во заедницата на Светиот Дух не влегуваат оние кои не учествуваат во единството на верата. Заедничкиот живот, заедничката чаша на животот ја претпоставува заедничката вера: “Нашата вера е согласна со Евхаристијата, а Евхаристијата ја потврдува верата”. Исправната вера е неопходна претпоставка за извршување на Евхаристиската Тајна. “На Бога треба Му да се чини Принос на чиста вера... во надеж сигурна, во љубов пламена”75.

***

 Со Светата Литургија се воздигнуваме во височините, имајќи го за свои крила самиот Исус Христос, “користејќи го Светиот Дух како јаже. Верата наша не вознесува, додека љубовта е патот кој не возведува кон Бога”76. Огласените се уште не се удостоиле да го држат јажето - Светиот Дух - со кое човекот се искачува на височината на Гората Тавор, ниту се здобиле со сила - верата - која е потребна за да се осмелат на искачување. Така вратата на љубовта - патот кој води кон Бога - за нив се уште е затворена.
 Светиот Принос ја иконизира Вечерата на Царството. Тие кои не се облекле во свадбената облека која се дарува на Крштевањето се оддалечуваат од местото на кое се врши Светата Евхаристија. Тие на кои почива Духот Божји остануваат да го дочекаат Христа. Тие ќе седнат на свадбената Вечера на Царството и ќе се радуваат со гледањето на Бога и причестувањето на Светите Тајни.

 Народот почнува да ја пее Херувимската песна77:
Ние, кои таинствено ги изобразуваме херувимите и на животворната Троица трисвета песна и пееме, сега да одложиме секаква животна грижа.
 Да го примиме Царот на сите, невидливо носен од ангелските чинови. Алилуја, Алилуја, Алилуја.

Херувимска песна

 Со Велики Вход нарекуваме низа на химни, молитви и дејства на служителот и народот. Народот почнува да ја пее Херувимската песна, а служителот истовремено ја говори молитвата на оваа химна.
 Црквата не повикува да се подготвиме за дочекот на Царот на славата кој влегува во Светиот Град. Не повикува да се подготвиме со Него да го поминеме патот на мачеништвото и при Него да бидеме на Крстот, заедно со Пресветата Мајка Негова и Ученикот кого го љубеше.
 Да ја оставиме сега, вели Химната, секоја грижа животна, бидејќи треба да го дочекаме Царот на сите. Да направиме излез од светот на земните работи за да постигнеме влез во просторот на присуството Христово: “Мудреците излегоа од Персија, за да одат да Му се поклонат на Христа. Оддалечи се и ти од земните работи и стреми кон Исуса”, вели светиот Златоуст78.
Истиот свет отец ни укажува на духовната сила со која ќе се воздигнеме над привременото и видливото: љубовта Божја. “Ако некој одвнатре гори со љубов спрема Бога, повеќе не поднесува да го гледа ова што потпаѓа под зрението на телесните очи. Туку, откако стекнал други очи, ги подразбирам очите на верата, секогаш за небесното размислува и кон овие нешта го има умот устремен. Иако оди по земјата, исто како да живее на небото, и така во се делува... Бидејќи сака да се воздигне од земјата на небото, ги остава сите видливи нешта долу и почнува со сите сили да трча, не запирајќи се и не лажејќи се со ниедна од нив пред да успее да се искачи на самиот врв”79.
Нестрпливи сме да стигнеме на врвот на Голгота за да го прославиме празникот Христов. Затоа сме го напуштиле овоземното:”Бидејќи, вистинскиот празник е: Таму каде што е спасението на душите, таму каде што е мирот и слогата, каде е потисната секоја световна забава. Празникот е таму каде се потиснати забрзаноста на готвачот и колењето на стоката, каде животните грижи се заменети со апсолутно смирение, синило, љубов, радост, мир и кротост, то ест со бесконечни добра”80.
Ја одложуваме во рацете Христови секоја грижа животна или целиот свој живот Му го приведуваме на Него. Тој го подигнува нашето бреме и се искачува на Голгота. Тој се грижи за нашите животни потреби: “Ако целата своја грижа”, ни кажува Господ преку устата на светиот Ава Исак, “ја претворите во грижа за Царството Небесно не ќе ве лишам од природните потреби на видливото”81.
 Светиот Златоуст ни говори дека душата која не научила да ги занемарува малите и земните работи не ќе може да се восхитува на небесните. А оние кои ја вкусиле благодатта на небесата не поттикнуваат на следниот начин: Браќа, “никој да не влегува во храмот со овоземните стремења, грижи или стравови, туку откако се ова ќе го оставиме надвор, пред вратата од храмот, да влеземе тогаш сите внатре. Бидејќи влегуваме во небесните дворови, одиме по местата каде што светкаат молњи”82.
На овие места каде што светкаат молњи го пренел отец Тихон неговиот ангел чувар во моментот на Херувимската песна. Говореше тој, како свештеник Рус, со својот слаб грчки: “Во часот на херувиката ангелот чувар воздигнува. По половина час ангелот чувар спушта”. Светителот Божји тогаш разбра дека е среде Света Литургија и дека треба да продолжи: “За име Божјо, јас служам”, и ја продолжил Светата Литургија. “Старче”, го прашаа, “што виде и што слушна за оние половина час”? А старецот одговори: “херувимите и серафимите го славеа Бога”.
Таинствено следен од чиновите ангелски влегува Господ во Светиот Град да се жртвува. Црквата не повикува оваа тајна на највисока љубов Христова да ја почествуваме со молчание: “Нека замолкне секое тело човечко, и нека стои со страв и трепет, и во себе нека не помислува ништо земно; бидејќи, Царот над царевите и Господ на господарите доаѓа да биде заклан и Себе да се предаде за храна на верните; а пред Него одат хорови на ангелите со секое началство и власт, многуоките херувими и шестокрилите серафими, засолнувајќи ги лицата и воскликнувајќи ја песната: Алилуја, Алилуја, Алилуја”83.

Свештеникот ја говори молитвата на Херувимската песна:
Никој не е достоен од оние кои се врзани со телесни похоти и страсти, да приоѓа, или да се приближи, или да ти служи Тебе, Цару на славата; зашто, да Ти се служи Тебе е нешто големо и страшно и за самите небесни сили. Но сепак, поради Твоето неискажливо и безмерно човекољубие непроменливо и неизменливо си постанал Човек и Архиереј си ни бил, и како Владика на сите си ни го предал свештенодејствието на оваа богослужебна и бескрвна жртва; Зашто, единствен Ти, Господи, Боже наш, владееш над небесните и земните, Ти си носен на престолот херувимски, Ти си Господ на серафимите и Цар на Израилот, Ти единствен си Свет и во светите почиваш. Затоа Тебе, Едниот Благ и благопослушлив; Те молам, погледни на мене грешниот и непотребен Твој слуга и очисти ја мојата душа и срце од лукава совест и оспособи ме со силата на Твојот Свет Дух, облечен со благодатта на свештенството да претстојам пред оваа света Трпеза и да го свештенодејствувам Твоето свето и пречисто Тело и чесна Крв; Зашто, кон Тебе приоѓам, приклонувајќи ја својата глава и Ти се молам да не го одвратиш Твоето лице од мене, ниту да ме оттргнеш од Твоите чеда, но удостој ме преку мене грешниот и недостојниот Твој слуга, да ти бидат принесени овие дарови.
 Зашто, Ти си Оној Кој што принесува и Се принесува; Кој прима и  Се раздава, Христе, Боже наш, и Тебе слава ти вознесуваме со беспочетниот твој Отец, и пресветиот, и благиот и животворен Твој Дух, сега, и секогаш и во вечни векови. Амин.

 Се во се заради нас стана


Напоредно со верниците кои се подготвуваат за Великиот Вход и Жртвата Христова, и свештениците се подготвуваат со низа молитви и дејства.
Првата молитва е молитвата на Херувимската Песна. Служителот со неа ја признава и ја исповеда својата недостојност и божествената големина на Тајната за која е повикан да служи. Меѓутоа, продолжува кон жртвеникот, токму затоа што не се потпира на сопствените сили туку на милоста Божја. Се потпира на океанот на божественото човекољубие. Бидејќи човекот постанал од човекољубието Божјо и човекољубието Негово ни ја дарувало Тајната на бескрвното служење. Христос не дошол и не се принел само еднаш (авторот го има во обзир литургиското принесување на Христос, како актуелизација  - спомен, но и наше учество во “вечниот откуп извршен еднаш и засекогаш - Евр. 9, 11 - 28; прим. ред)” туку непрекинато доаѓа на секоја Литургија, и Тој е Оној Кој принесува и Кој се принесува, Кој ја прима жртвата и им ја разделува на верниците.
Самиот Христос ја извршува и ја вопотполнува тајната на нашето спасение. Овој настан е темел на кој се заснова тајната на Светата Литургија. Како што пишува свети Никола Кавасила, Христос е “истовремено Хранител и Храна. Тој го поседува Лебот на Животот, и Самиот е она што го поседува. Тој е Живот за оние кои живеат, мирис за оние кои вдишуваат, облека за оние кои сакаат да се облечат. Тој е оној благодарение на Кого можеме да се движиме, Тој е Пат како што е и свршеток и цел на патот”. А свети Епифаниј забележува: “Христос е Светилиште, Тој е Жртва, Тој е Свештеник, Тој Жртвеник, Тој Бог, Тој Човек, Тој Цар, Тој Првосвештеник, Тој жртвена Овца, Тој Јагне, бидејќи се во се поради нас, за живот на секој начин да ни постане”84. 
 Христос постанал се за човекот: Тој е Свештеник, кој принесува, Јагне, кое се принесува, Бог, кој го прима приносот. Плимата на божествена Љубов ја донела во светот плимата на божествениот Живот. Да ги примиме божествените дарови и да Му благодариме на Господа: Ти благодариме, Господи Боже на спасението наше, бидејќи се правиш за благосостојба на животот наш, за секогаш да гледаме во Тебе, Спасителот и добротворот на нашите души85.

По молитвата свештеникот говори три пати: Ние, кои Херувимите таинствено ги изобразуваме. . . да одложиме секаква животна грижа.
 А ѓаконот го дополнува: Да го примиме Царот на сите, невидливо носен од ангелските чинови. Алилуја, Алилуја, Алилуја.
 Потоа свештеникот ја кади светата Трпеза говорејќи во себе: Воскресението Христово откако го видовме... (ако е недела), потоа: Пријдете да се поклониме... (три пати) и Педесетиот Псалм до стихот: Тогаш ќе ти бидат угодни...
Потоа свештенослужителите, поклонувајќи се три пати пред Светата Трпеза и целивајќи го светиот антиминс, усрдно ги говорат тропарите:
Ти согрешив, Спасителу, како блудниот син; прими ме, Оче, како покајник и помилуј ме, Боже.
Ти повикувам, Христе Спасителу, со гласот на Митарот; очисти ме, како него и помилуј ме, Боже.
Потоа секој, по еднаш поклонувајќи се, на сослужителот му говори: Простете ми, браќа и сослужители. И поклонувајќи се на народот, од чесните Двери, говори: Прости им, Боже, на оние кои не мразат и на оние кои не љубат.
Свештеникот оди кон Светото Предложение и, поклонувајќи се три пати на чесните дарови, говори три пати: Боже, очисти ме грешниот и помилуј ме.
Истото го прави и ѓаконот.

Како оние кои ќе го примат Царот на сите

За служителот да ги држи во рацете чесните Дарови треба да помине период на покајание: се приближува на светиот Жртвеник каејќи се како блудниот син.
Покајниот псалм, кој го говори свештеникот при кадењето, усрдните тропари, поклоните пред светиот Жртвеник и светото Предложение, барањето на прошка од Бога, од служителите, од народот, на видлив начин ги изразуваат покајните чувства на служителот. Служителот со личен пример им укажува на верниците на патот на покајанието. Според тоа, “го изобразува Претечата и Крстителот Јован, кој почнал да проповеда пред Христа говорејќи: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно86”
Служителот, како образ  на Крстителот, не побудува да го подготвиме патот на Господа, значи патот кој ќе не одведе кон Христа. Тој пат е покајанието. Така, како што се подготвуваме за великиот Вход, и народот и служителот, живееме во покајание и го исчекуваме Христа. Служителот, како светиот Претеча, извршува покајно крштевање87. Во продолжение Христос ни го предава животот свој. “Бидејќи целиот оган и на Ангелите недостапен и неиздржлив”, на верните им се пружа како храна. Секој верник, радувајќи се и треперејќи истовремено, со оган се причестува... неискажливо оросуван”88.
Преку Причеста се приближуваме на Животот: Кој е свет нека пристапи; кој не е, со покајанието да постане, говори Свештеникот на Литургијата на Апостолските Установи, повикувајќи ги верниците да се причестат. Гревот ја родил смртта, покајанието го отвара патот на животот. “Гревот е смрт. Кој е тој кој усмртен со него самиот ќе воскресне? Апсолутно никој”89. Значи, со покајанието му прибегнуваме на Безгрешниот, кој е Воскресение и Живот.
Со покајанието влегуваме во Светата Литургија. Светата Литургија е излегување од гревот и влез во Царството: Од земјата харанска на гревот излези, душо која си грешна, и оди во земјата каде тече вечната непропадливост90.
Согласно со најстариот литургиски текст служителот говори: “Нека дојде благодатта и нека помине светот”. Светата Литургија не води во овој свет на благодатта. И свети Максим сака да стигнеме таму. За овој голем мистик на божествените нешта и тајноводител на верниците, великиот Вход е почеток и пролог на “Новото учење кое ќе се случи на Небесата во врска со Божјиот домострој на Спасението за нас и откровението на тајните на нашето спасение, кое е скриено во длабочините на Божественото таинство”91. Учење кое настанува преку делото на жртва на учителот. Дело кое го осветлува словото Негово.

Нека не се збунува срцето ваше

Божествената Литургија е присуство на Воскреснатиот Христос. Ние, верниците, се собираме во домот Божји, го опкружуваме животворниот Гроб Негов, значи Светиот Жртвеник, и жеднееме да Го слушнеме, да Го видиме, да Го допреме. За жал, ние често не сме како мироносиците кои со срца пламнати од божествена љубов трчаат на Гробот на Господарот. Не е смелоста на љубовта онаа што не води во Светиот Дом, туку стравот од опасностите кои не опкружуваат. Сочинуваме собир на преплашени и собир на ученици кои се во агонија. Нашите надежи се угаснати. Изгорени се очекувањата за Царството небесно. Собор на верни, чии двери на срцето се затворени за логиката на недостапната љубов на мироносните души. Оние, блажените, во секое време ги затвораат очите пред искушенијата. А ние, ги затвораме срцата за надежта. Христос на овој собор се појавува како Младоженец кој победоносно станува од гробот. Доаѓа меѓу нас. Влегува низ затворените двери на срцата наши. Го изгонува стравот, делејќи мир: “Да не се плаши срцето ваше... Мирот свој ви го давам”92.

Свештеникот ја говори молитвата на Принесувањето: Господи, Боже, Седржителу, единствен Свет, Кој ја примаш благодарствената жртва на оние кои од со срце Те повикуваат, прими го и од нас грешните молението и принеси го пред Твојот свет жртвеник, и оспособи не да Ти принесуваме дарови и духовни жртви за нашите гревови, и за човечките незнаења: и удостој не да најдеме благодат пред Тебе, за да Ти биде нашата жртва благопријатна и Благиот Дух на Твојата благодат да се всели во нас, и на овие предложени дарови и на сите Твои луѓе.
 По милосрдието на Твојот Единородниот Син, со Кого си благословен, со пресветиот, и благ и животворен твој Дух, сега, и секогаш и во вечни векови.
Народот: Амин.

За себе и гревовите на народот

Првата молитва која служителот ја говори по великиот Вход е Молитвата на Принесувањето. Со оваа молитва свештенослужителот моли од Господа да биде удостоен да ги принесе Светите Дарови, како за личните гревови, така и за согрешенијата на народот.
Секако, не е без значење фактот дека оваа молитва истото нешто (значи, гревот), го нарекува со два различни збора: грев и согрешение. Со согрешенија се нарекуваат гревовите на народот. Значи, Светата Евхаристија, се принесува за гревовите на свештеникот и за она што од незнаење народот го сторил. Сите сме грешни. Но додека на народот му е можно да греши спрема Бога од незнаење, на свештеникот тоа не му е допуштено. И најневините негови гревови, вели светиот Златоуст, големи се “не по својата природа, туку бидејќи оптоварени со чинот на свештеникот, кој се осмелува да ги стори”. Во Книгата Левит пишува дека Бог му рекол на Мојсеј: “Кажи му на Израилот, ако некој неумислено Му согреши на Бога (...), ако оној кој греши е архиереј - помазан со свет елеј - исто е како да согрешил целиот народ. Во продолжение Бог дава заповед да се принесува иста жртва, ако цела синагога на Израилот неумислено прекрши една од заповедите Господови. Овој факт, забележува светиот Златоуст, покажува дека повредите на свештеникот бараат поголема помош, значи толку голема, колку што бараат сите повреди на целиот народ”93.
Служителот, како човек врзан со телесните страсти, го принесува светиот Принос за своите и народните согрешенија. Безгрешен бил само Христос, кој не очистил од секој грев: откако Самиот изврши очистување на гревовите наши94.

Свештеникот: Мир на сите.
Народот: И на твој дух.

Мирот на љубовта патот го подготвува

Кога Светата Литургија започнувала со читањето на Светото Писмо, првото дело на свештеникот било да дарува мир на верниците: “Кога влегува во храмот, оној кој началствува во црквата, веднаш говори Мир на сите”. Во продолжение служителот, како и денес, многу пати го раздава мирот Божји: “Кога (оној кој началствува) говори Мир на сите?; Кога благословува - Мир на сите; кога се целивате, огласува - Мир на сите; кога се принесува Жртва - Мир на сите. И во меѓувреме повторно: Благодат на вас и мир”95.
Свештениците “од почетокот на евхаристиската Тајна” говорат: Мир на вас. Бидејќи “да не помируваат со другите и Бога”, извор е на секое добро. Кога сме мирољубиви, на Бога сме Му блиски: “Оние кои ја љубат добродетелтта на мирот, блиски се на Бога и Неговата волја ја извршуваат”96. Бидејќи сме блиску до Него, го уживаме Неговиот мир. Синот и Логосот Божји доаѓа во нас и со убавината на мирот го исполнува срцето97.
За време на Светата Литургија служителот многу пати го раздава мирот Божји, “бидејќи Тој е мајка на сите добра. Потпора на радоста... Подготовка на патот на љубовта”98.
Го примаме мирот и стремиме кон љубовта. Стремиме кон Него кој е Мир и Љубов.

Ѓаконот: Да се сакаме еден со друг, та со едномислие да исповедаме.
Народот: Оца, и Сина и Светиот Дух, Троица единосуштна и неразделна.

Целивот на љубовта

На поттикот на ѓаконот да се сакаме еден со друг, одговорот на верниците во првите векови беше едно дејство: целивот на љубовта. Во литургиската заедница, меѓу сотрпезниците на вечерата, “се извршува целивот најбожествен”99.
Целивот на верниците не е едноставна литургиска символика, туку свештен чин: свештенодејство. Литургиско искуство. Литургискиот целив не е слика на љубов која ги спојува верниците, туку самото доживување на тоа единство.
Тоа е разбирање и поврзаност на оние кои ја принесуваат разумната служба меѓусебно и со Логосот Божји: “На оние кои низ целивот на љубовта веќе стојат во взаемна поврзаност, меѓусебно и со Него”100.
Ова свето собрание, на сите на едно евхаристиско место, и сотеловување со Бога Логосот, се изразува со целив на љубовта: “Се сеќаваме... значи, љубени, на светите целиви и застрашувачкиот целив Негов спрема другите. Бидејќи, ова ги преплетува умовите и прави телата да постанат Едно во се”. Целивот е знак дека душите постанале една целина и дека го изгонуваат секое злопаметење101.
Низ целивот ја доживуваме љубовта на нашите браќа: “Низ светиот целив се пројавува поистоветувањето на сите со сите /секој со секого/ и, најпрво, на секој посебно со себе, и со Бога. Поистоветување кое се темели на единство, едномислие и љубов”. Љубовта, вели светиот Златоуст, го изградува единството со другите, врзува и врските ги чини стабилни102.
Единството и едногласноста се изразени со целивот на љубовта: “Духовниот целив, кој се упатува на сите, го изобразува и отсликува меѓусебното единство на сите, едномислието, логосната истоветност која ќе се оствари за време на откровението на неискажливите идни добра... Поради оваа логосна истоветност, верниците во себе го населуваат Логосот Божји”103.
Секое дело, секој настан на Светата Литургија е истиот таков секојдневен настан, но преобразен. Во Светата Литургија творбата се осветува и телото постанува духовно. Целивот задобива нови размери: Храм сме Христов; значи, да го љубиме предворието на храмот и влезот, како што се љубиме едни со други104.

Ѓаконот: Двери, двери, (Вратите, Вратите) со премудрост да внимаваме!
Народот: Верувам во Едниот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, и на се видливо и невидливо;
И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого се станало;
Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек;
И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребан;
И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото;
И Кој се вознесе на небесата, и седи оддесно на Отецот;
И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото царство не ќе има крај;
И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Кој со Отецот и Синот е почитуван и славен, и Кој говорел преку пророците;
Во една, света, соборна и апостолска Црква;
Исповедам едно крштение, за прошка на гревовите;
Го чекам воскресението на мртвите;
И животот во идниот век. Амин.

Кон гледањето на умните нешта

По отпуштањето на огласените се затвара вратата на храмот. Во продолжение, ѓаконите и ипоѓаконите стоеле пред вратите, како во часот на Светиот Принос, за верните да не излегуваат, и неверните или еретиците да не влегуваат. “Да се чува вратата на храмот”, пишуваат Апостолските установи,  “може да влезе некој безбожен или некрстен. А ако дојде некој брат или сестра од друга област, кои поседуваат писмо кое сведочи за нив кои се, ѓаконите да ги испитаат... можеби се заразени со ерес”105.
Според свети Максим, затварањето на вратата на храмот уште значи затворање на сетилата и оддалечување на умот од земните размислувања. Така ослободен од стварноста на еден површен свет, човекот стигнува во видокругот на божествените состојби. Логосот ја води душата “кон гледање на умните нешта”106.
Во есхатолошката перспектива на светот затварањето на вратата на храмот ја пројавува минливоста на материјалните нешта и влегувањето на достојните верници во мислениот  (духовниот; прим.ред) свет, значи во брачната одаја Христова, кое ќе се случи по онаа страшна поделба ( се мисли на последниот суд и разделувањето на десна и лева страна, десната за оние кои ќе го наследат Царството и лева за оние кои нема да влезат во Царството ( Матеј. 25, 31 - 46); прим.ред) и уште пострашната одлука на Судијата107.

***
 Символот на верата е збир на даровите Божји и човеково благодарно исповедање. Наспроти Божествените дарови, кои сме ги примиле од Господа, ништо друго не можеме да понудиме “освен да ги исповедаме толку големите Негови доброчинства, и да му заблагодариме за нив”108.
 Исповедањето на Символот на верата, вели свети Максим, “го преднајавува мистичното благодарење кое ќе го вознесуваме во другиот живот за чудесните причини и начини на премудрата Грижа Божја за нас, низ која сме се спасиле”109. Како што забележува толкувачот на свети Максим, “вечното исповедање на Символот на верата... ќе биде доказ дека Неговата љубов спрема нас не останала без плод”110.

 

 

 

 

 

(Продолжува)

Издавач: Скопска епархија

Библиотека КЛУЧ

Уредник: Презвитер Игор Калпаковски

Еромонах Григориј Светогорец - ТОЛКУВАЊЕ НА СВЕТАТА ЛИТУРГИЈА (I)
 


 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3124
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7597
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/11/2024 - петок

Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив; Преподобен Маркијан Кирски; Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная