Скопје, 10 април 2012 (МИА) - Режисерот Владимир Блажевски и актерот Славко Штимац се лауреати на осмиот Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ што ќе се одржува од 25-ти до 29 мај во Струмица, под мотото „Одисеја 2012“. Отворањето ќе биде во Центарот за култура „Антон Панов“, а главните настани ќе се одржуваат и во летниот амфитеатар и во Вељуса.
Како што информира канцеларијата на фестивалот, селекторите веќе ги конципираат програмските содржини за натпреварувањето од креативни документарни, кратки играни и анимирани филмови. Фокусот на категоријата „Мувиленд“ оваа година ќе биде на Русија и нивните кратки филмови. Новитет во официјалната програма ќе биде и наградата за најдобро сценарио која ќе го носи името „Ѓорги Абаџиев“, а ќе биде одржана и работилница за филмско сценарио.
Лауреатите на осмиот „Астерфест“ Блажевски и Штимац ќе ги добијат почесните награди на свеченото отворање, на 25 мај, а следниот ден во предворјето на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Вељуса ќе бидат одржани Астер-портретот и Тивериополските филмски беседи посветени на нивното творештво.
Наградата на Блажевски му се доделува за високи достигнувања во авторскиот филм. Тој е меѓународно признат режисер и сценарист, професор е на факултетите за драмски уметности во Скопје и Белград. Има добиено Златна арена за режија во Пула, Кристален глобус во Карлови Вари, Сребрен медал за режија во Белград... Автор е на кратките документарци „Среќна нова година“, „Икар“ и „Врати на бескрајот“, на долгометражните играни филмови „Хај-фај“, „Булеварот на револуцијата“ и „Панкот не е мртов“, кој оваа година беше македонски кандидат за Оскар. Ги напишал сценаријата за „Џипси меџик“ и „Големата вода“.
Славко Штимац е добитник на специјалното признание на Астерфест и Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност. Тој е меѓународно познат актер кој филмската и ТВ-кариерата ја почнал како дете. Дебитира во 1972 година во филмот „Волк самјак“, продолжува во „Возот в снег“ и „Салашот во Малиот рид“, потоа во „Специјално воспитување“, „Се сеќаваш ли на Доли Бел“, „Подземје“, „Животот е чудо“, „Буик ривиера“... Играл во филмови на Бауер, Кустурица, Марковиќ, Шијан, Пекинпо и кај други режисери, а неговите актерски креации и филмови се наградувани во Кан, Венеција, Пула, Сараево и на многу други меѓународни фестивали.
Фестивалот „Астерфест“ го организира Тивериополската филмска алијанса, а финансиски покровители се Министерството за култура и Собранието на Општина Струмица