Со право може да се каже дека во Валаамскиот манастир православната архитектура и духовноста испеале химна на убавината на природата во рускиот Север. Големите уметници и научници на 19 и 20 век доаѓале тука да ја почувствуваат привлечноста на северната природа и да се исполнат со благодатта на овој крај.
Валаам е најголемиот остров на истоимениот архипелаг на Ладошкото езеро. Специфичната геолошка градба и географската положба прават архипелагот да има посебна микроклима. Причината за ова се крие во карпестата подлога и во самото Ладошко езеро – најголемото езеро во Европа.
Како да се отиде
Денес островот Валаам е задолжителен дел од туристичкото крстосување со брод по Ладошкото езеро. За да се посети островот, треба да се купи карта за крстосување на линијата Москва – Санкт Петребург или за бродовите кои тргнуваат од Речното пристаниште во Петербург.
Дводневни посети на Валаам организира поклоничката служба на манастирот со седиште во Санкт Петербург. Во стандардната програма влегува патувањето со автобус до Приозерск и понатаму со бродот до островот, сместување во поклоничкиот хотел „Мансарда“ со едно ноќевање, ручек во монашката трпезарија, екскурзија низ централниот комплекс на Валаамскиот манастир, посета на Николскиот скит и Игуменските гробишта, сеноќно бдение во долниот храм на Спасо-Преображенската црква, одење до Скитскиот остров, втор ручек и враќање во Санкт Петребург.
Валаам е познат, пред сѐ, благодарејќи на Спасо-Преображенскиот машки манастир со величествената црква и камбанаријата висока 72 метри. Околу манастирот и на островите на архипелагот монасите низ вековите основале скитови, граделе капели и поставувале поклонички крстови. Посебно место во историјата на манастирот имаат инженерските конструкции: изворите на стрмните карпи, пловните канали и системите за исушување.