ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС (Поздравно слово на Деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, протопрезвитер, проф. д-р Ацо Гиревски)
Ваше блаженство,
Ваше Високопреосвештенство,
Господине Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“,
Уважени проректори, декани, академици и професори,
Драги студенти,
Отворајќи ги повторно ширум вратите на нашиот Богословски факултет, со посебно почитување кон Вас и радост на декан и универзитетски професор, Ви посакувам срдечно добредојде на Првиот академски час на УКИМ, вклучително и на овој Факултет.
Православниот богословски факултет во своето 35-годишно постоење, годинава со голема љубов ја прифаќа јубилејната генерација студенти и за таа чест, Факултетската Управа благодари на Ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски, кој што заедно со проректорите, деканите и професорите на другите факултети одлучија да ни направат исклучителна чест, Првиот академски част овој пат да започне токму во нашиов Богословски факултет.
Се надевам, кога ќе го одбележиме празнично во декември овој голем јубилеј, повторно ќе ве видиме во нашава средина.
Православниот богословски факултет од студиската 2008/2009 година, станапридружна членка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, меѓутоа со потпишување на договорот помеѓу УКИМ и Светиот архиерејски синод на МПЦ, Факултетот ќе го отпочне реорганизирањето во редовна членка, заедно со сите други Факултети (членки) на УКИМ.
Почитувана Господо, дозволете ми да им се обратам на новозапишаните студенти.
Драги академци, Студирањето на највисоката духовно-просветна, високообразовна и научна установа на Македонската православна црква во Република Македонија - на Православниот богословски факултет, ќе Ви овозможи изучување и стекнување назнаење од областа на православните богословски стручни и научни дисциплини.
Вие сте четвртата генерација која ги има дополнителните благодети, кои произлегуваат од стекнатиот бенефит на нашиот Факултет, како придружна членка на најстариот и водечки Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Република Македонија, а сепак под закрила и непосредна грижа на Светиот архиерејски синод на нашата Света Црква.
Привелегиите со ваков статус се многубројни, јас ќе ви набројам само неколку:
- еднаков Европски Кредит-Трансфер Ситем за студирање и оценување со сите други факултети во земјата и странство,
- унапредуваање и одбрана на академските цели, вредности и задачи, во што спаѓаат: откривање и ширење на вистината, одбрана на идејата и практиката на својот научен корпус, научно истражување во народната и универзитетска библиотека и надвор од неа во сите научни ресурси на Универзитетот, членство во универзитетските студентски здруженија, право на користење студентски стипендии, студентски дом, признати дипломи, непречено продолжување на последипломски студии и други можности.
- Новина од минатата година и печатење на учебниции учебни помагала од професорите на овој Факултет.
Проучете го Статутот на Универзитетот и на овој Факултет, како и правилниците за додипломски студии и самите ќе ги откриете другите можности што Ви се нудат, та благовремено да се запознаете со своите права, но и обврски за судирање и стипендирање. Јас знам дека Вие,кандидатите за студии сосебе го носите етичкиот кодекс од домашното и средношколското образование и воспитание, но сепак, Ве потсетувам, дека и овде на Факултетот ве обврзуваат моралните вредности и норми.
Денес сакам посебно да ги поздравам младите научни работници, на кои, ние постарите професори, во новата студиска година, им доверуваме поголеми можности да се проверуваат, да се докажуваат, да се истакнуваат и така да напредуваат во науката и така полесно да се стекнуваат со повисоки наставно-научни звања.
На нив и на Вас, драги студенти, Господ Бог нека ја зголеми довербата и нека ја умножи љубовта еден кон друг и кон сите, како што и ние професорите ја имаме кон вас; за да ги утврди вашите срца во науката што ви се предава. Сè испитувајте, за доброто држете сè! Клонете се од секакво зло!
Бидете синови на денот, бидете трезвени и барајте ја светлината, та „облечени во оклоп“ на верата и љубовта и заштитени под „шлемот“ на надежта полесно ќе се спасуваме.
И ве молам, синови наши, како интелектуалци, никого да не навредувате и никого да не повредувате. Особено да ги уважувате оние, што се трудат меѓу вас, што се ваши претстојници во Господа, и оние кои ве учат. И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живеејте во мир помеѓу себе!
Радувајте се секогаш!
Молете се постојано, за Господ Бог да ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело! Амин.
Капиштец, 16 септември 2012.