РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (21.09.2012)
„Дева Марија и Богородица, денес навистина ни засветли како облак на светлина и од праведните (родители) се раѓа за слава наша. Адам повеќе не се осудува, а Ева од оковите се ослободи. Поради тоа, со смелост и се обраќаме на Единствената Пречиста, и викаме: Твоето раѓање и навестува радост на целата вселена“ (седален од утрена на Рождество на Прес. Богородица).
Онаа која денес се роди од племето Давидово и Ароново, го навестува доаѓањето на Великиот Цар и Првосвештеник, нашиот Спасител Господ Исус Христос. Денес се раѓа Мајката Божја, но и Мајката на сиот човечки род, зашто во неа и нејзините зборови, човекот потврди дека е од Бога и дека повторно се враќа при Него. Нема место и време кога Пречистата не била и не е прославувана и замолувана, а на денот кога го прославуваме нејзиното рождество, Мајката Божја торжествено и благоугодно ја прославивме во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево.
На 20.09.2012 година, во пладневните часови, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, најпрво го посети манастирот „Пресвета Богородица“ во с. Манастирец, Македонски Брод, каде во сослужение на архимандритот Нектариј, свештеникот Никола Христоски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски, беше превознесен канонот и Акатистот на Пресветата. Празнувањето продолжи во манастирот Пречиста во Кичево, каде беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протоереите Војне Ристески и Игор Никовски, свештеникот Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. Во повечерието на празникот, беше отслужено Мало повечерие, заедно со Акатист на Пресвета Богородица.
Торжествата продолжија утредента со света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протоереите Војне Ристески и Игор Никовски, свештеникот Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. За време на Литургијата, на предвиденото место и време, Митрополитот Тимотеј благоизволи да го произведе во чин чтец завршениот богослов и апсолвент на Богословскиот факултет во Скопје, Александар Матески од Кичево. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен славскиот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со поучително слово, во кое се осврна на значењето на Пресветата Богородица за човечкиот род, но и на нејзината мајчинска улога, не само како Мајка Божја, туку и како Мајка на сите луѓе, зашто таа е онаа која постојано се застапува пред Христа за секоја душа која од неа бара помош.
Нашиот Митрополит се заблагодари и на стариот кум во манастирот, кој навистина се потруди во измината година сè да биде во најдобар ред, а, истовремено, му посака и добредојде на новиот кум, со желба на двајцата Бог да им даде сè што е добро и спасоносно за нивните души. Како во навечерието на празникот, така и на самиот ден, манастирот се погрижи и телесно да ги поткрепи сите луѓе, кои дојдоа од сите страни да се поклонат на Пречистата и на нејзината чудотворна икона. Пресветата Мајка Божја секогаш нека биде наша молитвеница и застапница пред нејзиниот Син и наш Бог, сега и во сите векови. Амин!
Извор: http://www.dke.org.mk/novosti/novost.asp?PodatociID=873