Светиот Крст воздигнат во Западна Вирџинија
Колку е убаво кога браќата живеат заедно!
Од далеку се слуша гласот на монасите како го повикуваат името на Христа, барајќи од Него да го помилува целиот свет, а нив последни.
Изгрејсонцето од таа Гора, таа мала Света Гора во Америка, со своите зраци им кажува на браќата дека е време за молитва и со последниот удар на звоното започнува Литургијата.
Овој викенд, ние, четири Семинаристи од Светотроитскиот манастир и Семинарија дојдовме да го посетиме манастирот, посветен на Чесниот Крст, воедно беше и манастирска слава. Овој манастир се наоѓа во Западна Вирџинија во САД, под Руската Задгранична Црква. Основан е пред 26 години. Братството денес број дваесет и два со искушеници. Интересно е да се спомне фактот што монасите се сите американци како и сите служби се на англиски јазик.
Манастирот е прекрасен! Монашкиот живот е како на Света Гора. Монаси насекаде, ќелии низ целата шума...за оној кој не бил таму, ќе рече “зар ваков духовен жар постои овде во САД”. И јас бев едниот од нив. Мислам дека зборовите не се доволни да се опише животот и духот кој владее во овој манастир. Голема братска љубов меѓу монасите. Насекаде низ манастирот со слуша Исусовата молитва, зборот “прости” и ”благослови”. Настојател на манастирот е епископот Меинфилдски Георги, кој живее во истиот манастир, а духовник и игумен е отец Серафим.
Во овој викенд тие го прославуваа својот престолен празник (манастирска слава). На бдението и на литургијата чиноначалствуваше архиепископот Монтреалски и Канадски, Гаврил со епископот Георги со јеромонасите и свештеничкиот клир. Уште поинтересно доживување беше тоа што литургијата беше на отворено.
Една од повеќето прилики за кои дојдовме да го посетиме овој манастир беше да ги видиме нашите поранешни двајца соученици, сега таму искушеници Давид и Јасон. Чувството беше прекрасно кога ги видовме! Нивната смиреност сведочеше за нив како идни монаси и ангели во тело.
Бог да им помага на сето братсво и да им дава сила во нивниот подвиг! А и ние да не престанеме да се распнуваме за Христа во овој свет!
На Крстот Твој Се поклонуваме Христе и Твоето свето Воскресение го славиме!
Слава Ти!
Дел од фотографиите се преземени од сајтот на Источно - американската епархија на Руската Задгранична Црква ( http://eadiocese.org/News/2012/sept/sept30hcm.en.htm ).
Забелешка:
Во Руската Црковна традиција Митрополитот е поголем по чест од Архиепископот.
Како на пример титулата за поглавар на Руската Задгранична Црква е Митрополит.
Троитско Свет манастир,
Џорданвил, Њујорк
Стојан Серафим Андов