На четириесеттиот ден после Своето Раѓање, согласно со прописите на законот, Господ наш Исус бил принесен од родителите во ерусалимскиот храм, каде што бил пречеканод праведниот Симеон и пророчицата Ана. Колку се блажени луѓето кои ги удостоил Господ да бидат учесници во настанот на Неговото принесување во храмот во четириесеттиот ден! Праведниот Симеон примил во рацете свои младенец. Но овој младенец бил и Бог совршен и Седржител. Симеон се допирал до телото на младенецот, Но Богомладенецот ја исполнувал неговата душа, исто како и душите на сите кои присуствувале. И ете, Симеон пее песна, Ана пророкува, Богомајката со Јосиф благоговејно се поклонуваат, зашто каде што е Божјата посета, таму е рај и сладост. Душата која го сретнала Господ и сретната од Него, вкусува преестествено блаженство. Зашто нивниот Господ е и нашиот Господ. Оној Кој се сретнал со нив, готов е да се сретне и со нас.
Но кој е способен да се сретне со Него? Само чистите и бестрасните. А патот кон бестрастие – е исполнувањето на заповедите Божји. Секоја заповед, исполнета и со срцето примена како закон на постојано дејствување, ја убива секоја страст, спротивна на себе. Сите пак заповеди, така примени, ги убиваат сите страсти и вселуваат бестрастие. Ете зошто на Сретението ги гледаме Владичицата Богородица, праведниот Јосиф Обручник, праведниот Симеон Богопримец и пророчицата Ана, која што не заминувала од Црквата, со пост и молитва служејќи Му на Бога ден и ноќ – сите тие се ревносни исполнители на заповедите Божји. Го гледаме сладосното спокојство на духот, кое се вселува и пее. Но ова спокојство е плод на многулетна, многунапорна и непрекината дејственост. Не така, сме направиле неколку добра и доволно е. Не, треба да се оди по заповедите од млади години, како Богородица, и да се оди по нив, не отрстранувајќи се, до длабока старост, како Симеон. Сретението Господово ќе биде награда за трудовите од цел живот.
Кој ги знае заповедите мои, и ги чува, - вели Господ – тој е оној кој Ме љуби; а кој Ме љуби, ќе биде возљубен од Мојот Отец, и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам. (Јн. 14, 21). Ако се јави, и ќе биде примен; Ако биде примен, ќе биде и сретнат.
О, подари ни Господи, да се потрудиме така, за да стигнеме до ова блажено место и да Те сретнеме.
Светител Теофан Затворник
Преземено од http://www.optina.ru/holidays/0215/
Подготви: Златко Дивјаковски
Друго:
Премин Портал - Томас Хопко - СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО
Премин Портал - Св. Григориј Палама - Сретение Господово
Св. Теофан Затворник - СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО (15.02.2013)