Сеноќно бдение со Божествена Литургија во Марков манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, ноќта петок кон сабота (22-23 февруари 2013 г.), кога во МПЦ ОА се прославуваат светите маченици Харалампиј и Преподобен Прохор Лободник ; со почеток во 22:00 ч. се одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија предводена од јеромонахот Атанасиј Арсоски, во сослужение на ѓаконите Ѓоко Бурмузоски и Кире Горгиев. Православните христијански души се причестија со Светите Христови Тајни. Игуменијата Илијана со сестринството ги подкрепија заедничарите во Христа со чај и закуска.
Присутните ја имаа благодатта за прв пат да се поклонат пред моштите на св. Никола Чудотворец кои од денес ќе бидат чувани во манастирската обител. Моштите се добиени од Бари со заложбата на нашата сестра во Христа од Германија.
Примерите и молитвите на св. Никола и св. Харалампиј нека ни бидат поддтик минливоста на овој живот мудро да ја искористиме за раст во верата. Нека наредниве недели ни бидат добра подготовка за Великиот пост. Со покајанието на митарот (пред нас е Неделата на митарот и фарисејот) и на блудниот син (неделата потоа) смирено да донесеме одлука и да си поставиме цел за духовен раст до Велигден. Само гледајќи напред во духовна цел Великиот пост нема да ни биде измачувачка диета туку спасителен подвиг.
За Преминпортал:
Ратислав Кардалев