Неделата на митарот и фарисејот
СМИРЕНИЕ
Следната недела се нарекува „Недела на митарот и фарисејот”. Во пресрет на тој ден, на вечерната во саботата, за прв пат се отвора Посниот триод, книгата со великопосни богослужби и кон вообичаените воскресни стихири и канони се придодаваат и стихирите и каноните од Неделата на митарот и фарисејот. Во нив се нагласува смирението, како нешто што е неопходно за вистинско покајание.
Во делот од Евангелието што се чита (Лк.18, 10-14), е прикажан човек којшто е задоволен со себеси, затоа што смета дека го исполнува „целиот закон”, сите барања на својата вера. Тој е самоуверен и горд, а всушност ја искривува и не ја разбира смислата на барањата на верата. Тој во нив гледа само исполнување на надворешните обреди и своето благочестие го мери врз основа на она што го приложува во храмот. А што се однесува до цариникот, тој беше понизен и неговата смиреност најде оправдание пред Бога. Ако денес некој морален квалитет речиси потполно се омаловажува, тоа е смирението. Културата во којашто живееме го всадува во нас чувството на гордост, самофалба и величање на сопствената праведност. Таа е изградена врз претпоставката дека човекот може сè да постигне сам, па дури и Бога Го претставува како некој што наградува, за да му плати на човекот за неговите достигнувања и добри дела. На смирението, личното или општото, етничко или национално, се гледа како на слабост недостојна за денешниот човек. Но зарем во нашите црковни заедници го нема тој фарисејски дух? Зарем не сакаме и ние, секој наш прилог, секое „добро дело” што го правиме „за Црквата”, да биде признаено, пофалено и објавено?
Но, што е смиреност?