Сеноќно бдение со Божествена Литургија во Марков манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, ноќта петок кон сабота (29-30 март 2013 г.), кога во МПЦ ОА се прославуваат Свети Алексиј човек Божји и Светиот маченик Марин; со почеток во 22:00 ч. се одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија предводена од јеромонахот Атанасиј Арсоски, во сослужение на ѓаконите Ѓоко Бурмузоски и Гоце Постоловски. Православните христијански души се причестија со Светите Христови Тајни. Игуменијата Илијана со сестринството и славениците ги подкрепија заедничарите во Христа со чај и закуска од славските колачи.
Присутните ја имаа благодатта да се поклонат пред моштите на св. Никола Чудотворец кои од минатиот месец се чуваат во манастирската обител.
Изминуваат првите недели од Великиот пост. Нашиот дух веројатно веќе ги надвладеа првите телесни реакции од постот со храна. Со засилениот дух сега можеме да се свртиме кон потешките задачи. Силата на расудувањата за последните денови на нашиот Господ Исус Христос во светов, во тоа можат особено да ни помогнат.
Живеејќи во овој-и-ваков-свет не можеме да не доживееме осуда – праведна или неправедна. Дали можеме да црпиме сила од Христовото однесување на судот? Сите Негови напори се водени од љубовта кон луѓето кои го осудуваат и за нивно спасение. Дали ова можеме да го примениме и во нашие животни ситуации во семејството, соседството, на работа? Богочовекот не уверува дека тоа е тешко но не и невозможно ако целта ни е да се спасиме заедно со тие кои нè осудуваат. Ако не нè води страста да докажеме дека ние сме во право, а противниците се за осуда.
Или во неизбежните ситуации на неуспех,пораз, болест, губење нешто вредно и скапоцено. Тоа се нашите крстови кои на сплескуваат со лицето во прашината на нашиот пат. Кога би можеле во тие тешки моменти да се сетиме дека и Христос е образ-до-образ до нас со Неговиот Крст.Дали можеме во овој Велик пост да го подигнеме нашиот дух дотаму да сознанието за Неговата близина биде извор на сила за да се извлечеме и од оние ситуации кои сега ни се чинат невозможни.
Преминпортал (Ратислав Кардалев)
29.03.2013 год.