Без помош на благодатта ти не си во состојба да победиш ниту една единствена страст, ниту една единствена страсна желба. Значи, секогаш треба да се молиш за Христова помош. Токму затоа Он дојде во светот, страдаше и умре и воскресна од мртвите, за да нè ослободи од насилната власт на гревот и на страстите, да ја исчисти нашата душа, да нè зацврсти и смири во добро со силата на Светиот Дух. Како што грешиш секој час, така секој час повикувај Го Спасителот и ќе бидеш спасен. Он, всушност, заради тоа и дојде, за да ја обрати душата, да ја преобрази и целосно да ја обнови, да ја разреши во Светиот Дух, да ѝ дарува нов ум, нови очи и уши, нов духовен говор. – Кој навистина тежнее кон Бог, Му ја принесува целата своја љубов, ја врзува целата волја за Него... Тој се принудува себеси на добро, на љубов. Ако сè уште не поседува љубов, се принудува себеси на благост и на милост, трудејќи се никого да не осудува и секакво непочитување и презир кон себе – без роптање да поднесе. Се принудува себеси на молитва. Кога Бог ќе види како човекот се труди и се принудува против својата волја, тогаш Он му дарува вистинска молитва, чиста љубов и добрина и го исполнува со плодови на Духот (свети Јован Кронштатски).