СВЕТА АРХИЕРЕЈСКА ЛИТУРГИЈА ВО ХРАМОТ СВЕТИ ЃОРЃИ ВО ЧАИР
На 21 април 2013 г. кога Македонската православна црква Охридска архиепископија ги празнува спомените на преподобен Григориј Синаит и на светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј; во храмот посветен на светиот великомаченик Ѓорѓи во скопската населба Чаир, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски,г.г. Стефан чиноначалствуваше со светата Литургија во сослужение на Неговото преосвештенство, Епископот лешочки, Г. д-р Јосиф и свештенослужителите на Скопската епархија.Во возобновениот храм се изврши ракоположување на ѓаконот Костадин Малинов во презвитерски чин, а верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во оваа недела на Великиот пост, Светата православна црква ни го предочува пример на света Марија Египетска. Господе Исусе Христе помогни ни во нашата невера и нека нејзиниот подвиг да се преуми и од блудница да стане слугинка Христова нека биде подтик и за нас за преумување и со пост, молитва и милосрдие да продолжиме во искачувањето по духовната лествица.
Да размислиме за милосрдието. Дали е тоа подавањето денарче низ подотвореното пенџере од застанатиот автомобил на црвено?
Дали нѐ оправдуваат коментарите како: „сам си е крив“, „каде ѝ беше паметот“, „па нека фати нешто да работи“, „ни мене ништо не ми паднало од небо“?
Не е за верување дека пред 2.000 години било поразлично, а сепак нашиот Господ Исус Христос ни вели во нив најмалите Него да го бараме и наоѓаме.
За Преминпортал:
Ратислав Кардалев