Нова кражба на икони
22.04.2013
Продолжува серијата на кражби по нашите древни храмови, и покрај сето наше алармирање на јавноста. Осквернет е најубавиот храм во Мијачкиот крај, храм прочуен по својот редок и вреден иконостас, но и по доста богатата галерија на стари икони кои датираат од XVI до XVIII век.
Станува збор за надалеку познатиот храм посветен на св. Георгиј во с. Лазарополе, кој неодамна беше реставриран во сета своја убавина, и кој со години ги плени и поклониците и туристите, восхитувајќи ги со својот прекрасен и уникатен лик.
Групата крадци успеале да однесат скоро сè што било вредно во храмот - дел од престолните икони и другите ретки икони од XVI, XVIII и XIX век, цел горен ред од иконостасот, па дури и старата и неодамна реставрирана престолна резба. После кражбата во црквата е оставен пустош. Влезната врата е буквално распарчена, иконите се искорнати од ѕидовите и оваа жална слика е само еден тажен потсетник за нас дека едно непроценливо богатство што некогаш го красеше овој раскошен храм е неповратно заминато. За жал органите за безбедност се покажаа немоќни да влезат во трага на оваа организирана група, или да направат било што да ја запрат оваа серија на кражби која нè лишува од најсветото и највредното.
Извор: Бигорски манастир