14. 02. 2008 г.
СВЕТИ МАЧЕНИК ТРИФУН
Mеѓу мачениците, кои страдале за верата Христова, едно од многуте видни места зазема св. Маченик Трифун, или како што нашиот народ го нарекува Трипун.
Светителот е роден во малоазиската област Фригија од благочестиви родители. Уште како мало дете, преблагиот Бог благоволи во него да ја всели благодатта на Својот Свети Дух и му подари чудотворски дар. Светото дете Трифун.
Исцелуваше - лекуваше од секакви болести и истеруваше демони од луѓето, а особено душевно болните, само со погледот на младиот Трифун, биле излекувани. Некаква необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед.
Ќе споменеме само едно од неговите многубројни чуда, за да покажеме каква голема благодат Божја била во него.
Во првата половина на 3-ти век со Римското Царство загосподари царот Гордијан. Иако бил идолопоклоник, не ги гонел христијаните. Тој цар имал убава, паметна и мудра ќ ерка. Кога стасала за мажачка, поради нејзината убавина и паметност, многу велики и славни кнезови ја запросиле за своите синови. Но по Божјо допуштање, во девојката влезе ѓаволот, и таа убава принцеза душевно се разболе. Често пати ѓаволот ја тераше да се фрла во вода или во огин. Поради ова нејзините родители многу тагуваа и плачеа. Најпрочуените лекари доаѓаа, но ниту еден не можеше да ја излекува. Потоа, самиот ѓавол, по Божја наредба, извика од внатре од девојката, велејќи: Никој од овде не може да ме истера, освен младиот Трифун.
Веднаш царот испрати по целиот свет да го пронајдат Трифуна. Мнозина беа доведени со истото име, но ниту еден не можеше да го истера демонот - ѓаволот од царската ќерка. Тогаш во Фригија, во селото Кампсади, го пронајдоа седумнасетгодишното момче свети Трифун, каде покрај езерото чуваше гуски. Затоа, тој често по иконите се слика опкружен со гуски. Веднаш го поведоа во Рим. А кога свети Трифун се приближуваше до Рим, ѓаволот го осети неговото доаѓање и мачејќи ја девојката безмилосно, викаше: Овде не можам повеќе да живеам, оти доаѓа, се приближува Трифун! Кога пак пристигна Трифун, се помоли на Бога, го истера ѓаволот и ја излекува царската ќерка. Во дворецот настана голема радост. Царот богато го награди свети Трифун. Но светителот од тоа што доби за себе ништо не задржа, а веднаш го раздаде на сиромасите.
Кога се врати назад во своето родно место, свети Трифун продолжи со својот непорочен и чист живот, и натаму да му угодува на Бога, и ги помага своите ближни. Во тоа време на римскиот престол дојде царот Декиј и отпочна крваво гонење на христијаните. Царот наредил во целата империја да се преземат најстрогите мерки против христијаните, а ако некој од нив не принесе жртва на боговите да се мачи и погуби.
Младиот Трифун бил познат како најревносен христијанин во својот крај. Тамошниот управител Аквилин прво него го повика даја исполни наредбата на царот. Трифун го одби тоа. Почнаа неиздржливите мачења. Врзан за рацете го обесија на едно дрво и го камшикуваа цели 3 часа. И после вакви маки тој остана цврст во својата вера, докажувајќи пред сите дека многубожечката вера е лажна. Тоа го разлути управителот Аквилин, па кога појде на лов нареди да го врзат свети Трифун за опашката на неговиот коњ. Беше зима па ледот и острите камења му ги сечеа босите нозе, така што прстите и месото му паѓаше од нозете негови. Но маченикот гледајќи кон Бога се молеше за гонителите: „Господи, не земај им го ова за грев".
Проројереј Ѓорѓи Пачемски
Кога ниту овие маки не го поколебаа светителот, мачителите во нозете му набија железни клинци и водејќи го низ градот немилосрдно го удираа со железни палки. Најпосле Аквилин реши да го погуби. Пред да го погубат на светителот му дозволиле да се помоли на Бога. За време на молитвата, додека ги изговарал зборовите: „Господи, прими ја мојата душа во царството небесно - паднал и ја испуштил својата душа, недозволувајќи им на мачителите да му ја отсечат главата. Тоа се случило во Никеја. Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот Трифун, го намачкале со мириси, го завиткале во чисто платно и го пренеле во родното му место. Еден дел од светите мошти се наоѓаат во Москва, во храмот кој е посветен на него. Светиот маченик Трифун, драги христијани, го слават лозарите и земјоделците, затоа што, по преданието, по молитвата на овој светител, од неговото место ги снемало лошите инсекти, кои ги уништувале плодовите во лозјата, овоштарниците и нивите.
Господи, по молитвите на светиот маченик Трифун спаси и помилуј.
Амин!
Во чест на празникот на sветиот маченик Трифун , во храмот посветен на св. Параскева во Скопје, се отслужи Божествена Литургија. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Божествени дарови.