Преподобните Отци, храбрите маченици, јуродивите Христа ради ја украсија земната црква. Секој од нив, како бисер го везеше ѓерданот во Црквата Христова, а како награда за тоа Отецот Небесен со венец на живот вечен, нивните глави ги покриваше. Женихот во секоја доба од ноќта ги наоѓаше будни. Едни непрестајно, со Исусовата молитва тихуваа, други Христа во затворите го исповедаа, трети Светите Писанија на својот мајчин јазик го преведуваа. Ете, таков беше нашиот возљубен отец и татко на монасите, преподобниот Наум, великиот Охридски чудотворец.
И во скопската епархија, во населбата Радишани, достојно го прославивме споменот на свети Наум Охридски, чие име овој храм го носи.
Божествената литургија ја возглави викарниот епископ на Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, Величкиот Јосиф.
За животот на свети Наум беседеше деканот на богословскиот факлутет, отец Ацо Гиревски, кој исто така беше во сослужение на епископот Јосиф, како и отец Гоце.
Во истиот храм, со благослов на Неговото блаженство, чтецот и семинарист од Џорданвил, Стојанче Андов, ги донесе на поклонение Светите Честици од чесниот Животворен Крст Господов и неколку светители. Едни со радост, други со солзи и метании се поклонуваа и ги целиваа.
На делот од литургијата каде ѓаконот со путирот возгласи "со страв Божји, вера и љубов пристапете", величкиот епископ Јосиф ги причести со Светите Тајни Христови малите дечиња и оние кои беа подготвени да го примат Христа.
Свети Наум ги собра верниците од сите страни на Скопје. Радосните дечиња љубопитно ја следеа литургијата.
Црквата, како Тело Христово, со своите членови- верниците достојно го одбележа празникот на светиот Наум, великиот Охридски чудотворец.
Радувај се преподобен Науме, Охридски чудотворче!