На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светиот апостол Петар, Митрополитот Агатангел отслужи света Божествена Литургија во црквата „Св. Георгиј“ во Општина Градско, а на денот на кој се чествува споменот на светиот апостол Павле, Митрополитот Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. На големиот христијански празник Петровден се навршија 15 години од архипастирската дејност на Митрополитот Агатангел, па од името на целото свештенство на Повардарската епархија, како и од целото патство се обрати свештеникот Борислав Бобевски. На Литургијата во Градско настапи младинскиот хор „Св. Кирил и Методиј“, додека на Павловден, Литургијата ја збогатија велелепните звуци на црковниот хор „Св. вмч. Пантелејмон“ од Велес.
На големиот христијански празник Петровден се навршија 15 години од востоличувањето на Митрополитот Повардарски г. Агатангел во архиерејски чин. Свештенослужителството пред престолот Божји, црковните кујни, богатото издаваштво, црковно-градителската дејност, грижата за богословијата, изразената човечка димензија и искрената љубов кон својот македонски род се само мал дел од цртите, кои Бог ги срочил во личноста на нашиот Митрополит Агатангел. Но, големината на татковската фигура на неговата личност не е во нашите убави зборови за неговите достинувања, туку, напротив во обврзувањето на секој еден од нас да ги следиме неговите примери и безусловно да се бориме за Царството Небесно.
На многаја лета, наш владико свет.
Извор: Повардарска епархија