Скопје, 01 .08. 2013 год.- храмот на св. пророк Илија во населбата Аеродром
По повод престојниот голем христијански празник- Илинден, во храмот на св.пророк Илија, во скопската населба Аеродром, протоереј Зоран Сатаменковиќ отслужи празнична вечерна богослужба. По произнесеното празнично слово, заедно со братството на храмот, се освети петолебие.
Протојереј Зоран Стаменковиќ: Беседа за свети пророк Илија
Еден од најголемите избраници божји во стариот завет, светител преку кој Бог зборувал на луѓето, огнен пророк со пламена вера, чудотворец, божји собеседник на гората Хорив, неустрашлив борец против лажната вера - е свети
Илија. Свети Илија се слави поради неговата голема вера. Верата била основа и оправдание на неговиот живот. Верата му дала голема сила да стане против расипаниот цар Ахав и неговата жена Езавела и јавно ги разобличувал поради нивното служење на лажните богови. Верата му дала сила да трпи глад и жед во пустината и да прима храна, која му ја донесувал гавранот во клун. Ништо не можело да го скрши пророкот и да го сопре во борбата за божјата вистина.
Не се плашел од никого и како камшик Божји ја шибал расипаноста и идолопоклонството на луѓето од тоа време, бидејќи, оној кој верува не може да биде рамнодушен кон неверните. И на оној на кого името Божјо е најсветол збор не може да трпи хулење на тоа име, и оној кој верува во правда Божја не може да поднесе неправда човечка. И кој ја сака божјата вистина, не може да го слуша лажењето на безбожникот. Во светото писмо е опишана борбата на свети пророк Илија против идолопоклониците. Секој мора да се восхитува на овој духовен херој на кого неговата огнена вера му дала чудесна сила сам да се бори против силните од овој свет. Неговите зборови ја печеле како усвитено железо немирната совест на грешниците. Тој од никого не се плашел бидејќи Бог бил со него, го пазел и му давал сила да издржи и победи. Уште се слави свети Илиjа чудотворец. Да би ја вратил верата на народот се вели во Светото Писмо, тој го затвори небото и не падна дожд три години и шест месеци. Потоа пушти оган од небото да запали жртва на Бога, кога бидна глад тој намножи масло и брашно на една сиромашна жена во Сарепта сидонска и нејзиниот умрен син го поврати во живот, - и многу други чуда направи и многу случки прорече.
Се е можно за оној кој верува, рекол Господ Исус Христос. Бог правел големи чудеса преку своите избраници. Има многу луѓе кои не веруваат во чуда. Тие се недуховни луѓе, луѓе без вера и поради тоа духовно слепи. Само силната вера им ги отвара на луѓето духовните очи да можат да видат и ја познаат божјата милост и семожност.
Свети Илија почувствувавал најголема радост и милина, која може да се даде на смртен човек, бидејќи на гората Хорив зборувал со Бога и го слушнал неговиот глас во тивок и светол поветерец. Кога дојде часот на разделба на пророкот со земниот свет, тој беше вознесен на небо со огнена кола со огнени кочии пред очите на својот наследник во пророчката служба-пророк Елисеј.
Во Новиот Завет свети пророк Илија се јавува во убав и светол миг на преображението Христово на гората Тавор, кога тој и Мојсеј стоеле пред Христа и зборувале со него за неговото блиско страдање, и пред крајот на светот како што предскажува свети Јован Богослов во своето откровение, ќе се јави пак на земјата пророк Илија да се бори против силата на антихрист.
Со својата жртва и дела свети Илија ни потврдува три големи вистини.
Прва вистина: дека верата во Бога е единствено и најголемо оправдување на човековиот живот. Верата ни ја открива вистинската смисла на животот, таа не приближува до Бога и ни дава сила да победиме, да го победиме гревот. Верата ги одржува луѓето и народот. Таа често пати е единствена надеж на нас смртните луѓе. Таа е наша помош, и заштита и тогаш кога на нас луѓето не можат да ни помогнат.
Втора вистина: браќа и сестри е дека најсилните луѓе се оние кои имаат цврста вера. Никој така свирепо не страдал како хриотијанските маченици, но никој не покажал таква надчовечка сила и издржливост како тие. Да бидеме значи цврсти во верата, и да не се предаваме, да би сме биле силни и постојани во доброто, и во радоста и жалоста и во сите мигови од својот живот. Сега, денес особено, настана време на тешки искушенија. Сега, денес особено, треба да ја покажеме и докажеме својата вера. Да се пазиме да бидеме внимателни и да се молиме на Г. И. Христа непрестано да ни даде сила да не застраниме, и искушенијата и соблазната да не не поколеба.
И трета вистина за која ни сведочи животот и делата на свети пророк Илија, е оваа: Бог е наш најголем заштитник. Тој е наша надеж. На Него треба да се исповедаме бидејќи е човекољубив татко, од Него да бараме сила бидејќи е семожен, Него да го молиме бидејќи е милостив. Кој во Бога се надева, тој нема да го остави. Да се надеваме драги браќа и сестри и ние на Него, бидејќи тој за нас е единотвен вистински и сигурен заштитник, помошник и
застапник.
А м и н !
1-ви август 2013. год.
Посетувајќи ја земната Црква, да го изградиме во своите срца духовниот храм,како образ на Небесното Царство.
Преминпортал (к.т.)
1-ви август, лето Господово 2013