На 11 август 2013 г. кога Македонската православна црква – Охридска архиепископија го слави преносот на моштите на светиот Климент Охридски и споменот на светиот маченик Калиник, во храмот на светиот великомаченик и победоносец Георгиј во Криви Дол во Скопје отец Горан Тасевски во сослужение на ѓакон Игор Настоски одслужи Света Божествена Литургија. Верните се причестија со Светите Христови Тајни.
Отец Горан во својата беседа истакна дека во времето на Христовото јавно делување светските водачи беа со лажна ревност додека простодушниот народ ја осознаваше Вистината и почнуваше со вера да оди по Патот и Животот. Денес и покрај илјадниците Христови сведоци, 1150 години по евангелизациската мисија на светите рамноапостоли Кирил и Методиј уште има уште лутање во духовното. Под влијанието на идеологиите и глобализацијата се шират невера и сомнеж. Затоа, препорачува отец Горан – да се држиме до смиреноста и традициите на нашите предци и да не дозволуваме да се наруши нашата молитва и верата во спасителната улога на Христовата Црква.
Со овие поуки да го започнеме Богородичниот пост оваа среда и нека ни биде благословен. Да ги подготвиме најдобрите подароци за Пресветата Богородица, која најдобро ќе знае како да ги сочува и представи на Бога
За Преминпортал : Ратислав Кардалев