Сеноќно бдение со Божествена Литургија во Марков манастир
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, ноќта петок кон сабота (30-31 август 2013 г.), кога во МПЦ ОА се прославуваат преподобниот Јован Рилски и светите маченици Флор и Лавр; со почеток во 22:00 ч., јеромонахот Атанасиј Арсоски во сослужение на ѓаконот Ѓоко Бурмузоски, одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија . Православните христијански души се причестија со Светите Христови Тајни.
Присутните ја имаа благодатта да се поклонат пред моштите на св. Никола Чудотворец и св. Димитриј Солунски.
Игуменијата Илијана со сестринството на Марковата обител го дадоа најдоброто од себе за да можат присутните да се приближат до Светите Таинства.
Сèуште го чувствуваме благодатното милување на чествувањето на Успението на Пресвета Богородица. Како што се истакнуваше во беседите за празникот, Пречистата останува да нè утешува и поучува и денденес исто како и апостолите по Воскресението Христово. Во пошироките но и во личните тешки времиња имаме шанса тоа да го почувствуваме најдобро. Таа поткрепа издигнала големи подвижници и светилници на Православната Црква како преподобниот Јован Рилски чиј спомен денес го прославивме. На овие тајни на верата треба да се сетиме и да поверуваме во премрежијата низ кои секој од нас дневно поминува. Тогаш ќе ја имаме благодатта со сопствениот живот и искуството да ја прошириме верата во живата присутност на невидливите и недопирливите таинства кои со векови ги пренесува Светата Православна Црква.
За Преминпортал:
Ратислав Кардалев
31-ви август, лето Господово 2013