Скопје , 26-ти октомври, лето Господово 2013- храм на св.вмч Димитриј, на празникот на светата великомаченичка Злата Мегленска
На 26-ти октомври 2013 година, во шеснаесеттата недела по Педесетница,
кога Светата Црква молитвено го прославува споменот на светата великомаченичка Злата Мегленска, во овој храм на св.вмч.
Димитриј, во Скопје, каде фреските и понатаму сведочат за присуството на
дарот
на Светиот дух, отец Томе отслужи Божествена
Литургија.На крајот на Литургијата отецот произнесе пригодна беседа од житието на св. Злата Мегленска.
Светата великомаченичка Злата Мегленска
Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа. Кога еден од нив ѝ нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ѝ рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините. Но витешката душа на Св. Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка Богородица, а браќа и сестри - светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата. Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ѝ даваше сила во страдањето. На крајот ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.
Свети Никола Кавасила
Нашиот Господ го зеде не само телото, туку и душата, умот и волјата - сѐ што ѝ припаѓа на човечката природа – за да се соедини со целото наше битие, за наполно да го проткае, поврзувајќи го во целина она што е Негово со она што е наше... Тој споделува со луѓето сѐ, освен гревот... Во тоа е силата и благодатта на Светата Тајна на Причеста во душите коишто кон оваа Света Тајна се приближуваат со чисто срце и се чуваат од секое зло.
Преминпортал (к.т.)