Морето изнесе на брегот на Сочи Иверска икона на Мајката Божја
25.10.2013 год.
Во малото селце Головинка, на крајбрежјето на Сочи, морето изнесе на брегот Иверска икона на Мајката Божја. Локалните медиуми го поврзаа овој настан со зимската олимпијада која што ќе се одржи во Сочи во 2014 год., па затоа доби поширок одзив. Претстојателот на локалниот храм „Св. Нина Кападокијска“ протоерејот Константин раскажува дека туристи ја пронашле иконата на 13 октомври (ден на Иверска икона на Божјата Мајка по нов стил) и подоцна ја предале на локалниот храм. Според него не е случајно што иконата е пронајдена во непосредна близина на токму тој храм, бидејќи св. Нина се смета за просветителка на грузискиот народ.
Иконата датира од 1896 год., окована е со сребро и украсена со позлата и скапоцени камења и на неа се чита натписот „Протоереј Александар Смирнов“. Прес-службата на администрацијата во Сочи соопшти дека иконата е делумно оштетена, но и покрај тоа е многу добро сочувана и ликот на Пресвета Богородица е јасен. На 26 октомври, кога се чествува Иверската Пресвета Богородица во храмот „Св. Нина“ ќе биде отслужена света литургија во спомен на тој настан.
Извор: Двери
Преземено од : Бигорски манастир