6 /7. 01. 2014 Параклис на Св. Николај - Аеродром
Во понеделникот на 6 јануари, само еден ден пред празнувањето на големиот празник Рождество Христово - Божиќ, во параклисот посветен на Светиот Николај - Чудотворец во населбата Аеродром, отецот Бобан Митевски отслужи Царски часови и празнична вечерна со Василиева Литургија. Верниот народ со благослов и со бадниково гранче си замина во своите домови за да ја дочека со мир, богата посна трпеза и молитва, Бадниковата вечер во кругот на најблиските.
На 7 јануари, големиот христијански празник Рождество Христово - Божиќ, отецот отслужи Света Божествена литургија. Верниот народ кој трпеливо се приготвуваше во изминативе недели, со пост, исповед и молитвено срце, во огромно мнозинство пристапи да се причести со Крвта и Телото на нашиот спасител Исус Христос. На богослужбата отецот се обрати, пренесувајќи ни го Божиќното послание од Архиепископот Охридски и Македонски Стефан со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, во кое меѓудругото се вели:"...да покажеме со верата и делата свои дека со нас е Бог и ние сме со Него!" На крајот од Светата литургија, отецот го поздрави насобраниот народ со возгласот: ХРИСТОС СЕ РОДИ! НАВИСТИНА СЕ РОДИ! Божјиот благослов, мир и љубов да ни ги исполнат срцата во овие празнични денови!
За Преминпортал: Дара Бриндевска