Ги
приклонувам колената пред Тебе, како блудниот син во древноста, Господи и
Владико, поитај ми во пресрет и прими ме, та прегрнувајќи ме, дарувај ми залог
за Твоето Спасение. Наместо наемник, син Твој повторно направи ме, Спасителу
човекољубив.
Утрена, втора недела
од Постот
Поуки од светите отци: Тогаш, знаејќи каква е
судбината на злобниот, потруди се да стекнш блажена кротост во душата своја,
фалејќи Го Христа, Учителот на добродетелите и наши сотрудбеници без кои не сме
во можност да направиме никакво добро.
Свети Григориј Палама
Богоиспратената ѕвезда гледајќи ја, мудреците блесокот нејзин го
следеа, и имајќи ја за светилник небесен, со неа тие крепкиот Цар Го бараа.
Пристапувајќи пред недостижниот, се израдуваа пеејќи Му: »Алилуја!«
Од
Акатистот на Богородица
Молитва:
Боже, Ти секогаш си подготвен да
ни се откриеш и пред да сме ние спремни да ги видиме делата на Твоите раце:
отвори ги очите наши за да ги гледаме секогаш околу себе знаците на Твоето
присуство. Биди близу нас, Господи, дури и кога ние со своите гревови се
оддалечуваме од Тебе – биди близу, Господи, и дај ни да го чувствуваме Твоето
присуство, иако сме незаслужни и недостојни! Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 7,
1-14
Битие 5, 32; 6, 1-8
Соломонови Изреки 6, 20-25; 7, 1
Созерцание: Синко, пази ја заповедта на татка
си и не отфрлај поуката на мајката своја.
Соломонови Изреки 6, 20
Подготви: А.Л.
Свето Евангелие од светиот апостол Марко (зач. 40)
Во она време, еден човек пристапи кон Исуса и, клањајќи Mу, се рече: „Учителе, го доведов при Тебе сина ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“ А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!“ И кога го доведоа кај Него - штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. Го праша Исус татка му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството; и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смили се над нас и помогни ни!“ А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!“ И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ А Исус, штом виде дека се собра народ, му забрани на нечистиот дух и му рече: „Дух нем и глув, Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво- така што мнозина велеа дека умрело. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „3ошто ние не можевме да го истераме?“ Им одговори: „Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“ И кога излегоа оттаму, минеа преку Галилеја; и Он не сакаше некој да разбере. Оти ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.