Живеејќи според праксата на древната Христова Црква, христијаните треба да бидат секојдневно-постојани во молитвата, но и учесници во Телото Христово, особено во овие великопосни денови. Како и во повеќето наши храмови, во парохиската црква „ Св. Јован Крстител " во Капиштец - Скопје, на споменот на преподобен Теофилакт епископ Никомидиски -21.( 08.)03. 2008 лето Господово, се богослужеше Св. Литургија на предосветени дарови, на која и претходеа заедничките богослуженија: Утрена со први час, трети, шести и девети час. Откако духовно со заеднички молитви беа потхранети учесниците на овие богослуженија, а дел и причестени со Телото Христово, свештенослужителот отец Стефчо Беќарски, со мир отпуштајќи ги верните, молитвено ги повика и утрешниот ден повторно соборно да го започнат со Св. Божествена Литургија на св. Јован Златоуст, во спомен на 40-те млади маченици од Севастија - Младенци.