Тридневна веронаука во Бигорски
28 април/11 мај 2014 лето Господово
Ништо поубаво и почисто нема од живата детска вера во живиот и семилостив Бог. Незлобливите детски души, недопрени од скверните на овој свет и запазени од Божјите ангели од секаков грев, непоматено го чувствуваат присуството Божјо, и љубовта и грижата Негова, и славата на Царството Негово. Тоа и Спасителот наш го посведочи, кога зеде деца на пречистите раце Свои, па пред множество народ ги благослови и рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е Царството небесно“ (Мк. 10, 14). И кој нема да се радува кога ќе види како тие душички, исполнети со најискрена љубов кон Христа, ќе потрчаат во храмот Господов, во дворовите од домот на небесниот Отец? Тогаш тие навистина знаат дека се во домот на нивниот небесен Татко, и безмерно се радуваат, и на Христа непремолчива слава Му принесуваат.
Деновие Бигорски беше преполн со таа детска ангелска радост и слава. Учениците од 5-а одделение од ОУ „Гоце Делчев“ од Скопје три дена нашата обител ја красеа, во верата наша најубава се поучуваа и на Бога возљубениот усрдно на богослужбите Му се молеа. И колку пофално, и благородно, и богоугодно дело направи нивната одделенска наставничка, вистинскиот просветен работник, г. Десанка Спироска, која со најголема учителска љубов ги донесе дечињата в манастир и со мајчинско будно око постојано за нив се грижеше, како и г. Горан Нешковски од туристичката агенција „Арка“, кој со милостиво срце ги подари потребните средства за патувањето. Секако благословени и преблагословени се и родителите коишто своите деца ги пуштиле на патот Господов да се поучуваат, во стравот Божји ги воспитале, со љубовта Христова ги одгледале. Таквите родители од своите деца никогаш нема да бидат заборавени и од Христа Дародавецот богато ќе бидат наградени.
Дечињата со најголема радост од нашиот старец, игуменот Партениј, беа примени, со неговите мудри поуки беа поучени и од неговиот свет пастирски благослов беа благословени. Целивајќи ја со детско благочестие неговата десница, тие со благословот добија и подорок – детски старечник во издание на Бигорскиот манстир. Најпосле, духовно нахранети и поучени, децата си заминаа во своите живаелишта со радост и насмевка.
Извор: Бигорски манастир