Охрид (03.07.2007)
Така беше и оваа година - десетици илјади верници од цела Македонија и пошироко, започнаа да доаѓаат во попладневните часови од понеделникот, повеќе часови пред почетокот на Вечерната богослужба, а колоната на верници, кои трпеливо чекаа за да влезат во манастирската црква за да се поклонат на гробот на свети Наум, продолжуваше и во доцните полноќни часови. Всушност и преку ноќта не престануваа поклоничките доаѓања.
Утредента свештенослужителите и верниците пред манастирската црква и со звукот на манастирските камбани, ги пречекаа поглаварот на Македонската Православна Црква Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, придружуван од протоѓаконот на Скопската митрополија Антонио Дујовски, надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија Митрополит г. Тимотеј, и Митрополитот Струмички г. Наум, придружуван од архимандритот Арсениј.
На крајот од Божествената Литургија, кон големиот број на верен народ со празнична свечена беседа се обрати Неговото Блаженство г.г. Стефан, а потоа владиците и свештенослужителите излегоа во манастирскиот двор, каде што извршија Водосвет и Архиепископот ги прекрши и благослови празничните лебови. Воедно Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот г. Тимотеј, на Владиката г. Наум му го честитаа и именденот, пожелувајќи плодотворни дела на епархиската нива.
Православните верници и понатаму во текот на денот пристигнуваа во манастирот за да се поклонат на гробот на свети Наум Охридски.
известува: свештеник Игор Никовски