Како последица на она што Црквата е, а тоа е – заедница на живи и
упокоени членови, но и на верата во воскресението и праведниот Суд
Божји, се јавува принесувањето на молитви за „блажен покој“ на оние кои
се упокоиле во Христа. При вршењето на помени и молитви за упокоените,
Црквата се раководи од апостолската заповед да се молиме едни за други и
за сите луѓе. „Молете се еден за друг“ (Јк. 5, 16), и „живееме ли,
умираме ли, Господови сме“ (Рим. 14, 8).
+ + +
Во Православната Црква, задушниците (како што кажува самото име, денови
за-душа), ја засилуваат и обновуваат нашата свест дека ние, како живи
членови, и претходно упокоените христијани сме роднини, еден неразделив
жив организам, една и иста жива Црква. Нашта должност е во овие денови
да се молиме, како дома или во келија, така и во Црквите и на
почивалиштата (гробовите), но и да твориме милостиња за душите на
упокоените, со длабоко уверување дека Бог ќе ги прими приносите
направени за покој на душите на оние за коишто се принесени.
Во Црквата има два вида на задушници: засебни и општи. Засебните се
одржуваат од семејствата, за своите упокоени роднини, а општите ги
назначува Црквата, грижејќи се за сите свои упокоени членови. Секоја
сабота, Црквата во своите молитви се обраќа кон сите светии, сеќавајќи
се на сите претходно упокоени отци и мајки, браќа и сестри наши.
Покрај овие општи саботи, извесни се некои денови од црковната година
кога се врши општ помен за сите упокоени. Меѓу нив спаѓа и
митровденската задушница.
Митровденска задушница е обичај којшто е карактеристичен за
словенофоните цркви. Имено, после победата на Татарите во 1380 година,
Димитриј Донски се упатил во московската света обител на Живоначалната
Троица, кон преподобниот игумен Сергиј, замолувајќи го за соврши помен
за паднатите борци, за подоцна да му предложи секоја година, во саботата
пред празнувањето на св. великомаченик Димитриј Солунски, да се моли за
душите на овие војници.
Набрзо овој обичај бил прифатен од Црквата во Русија, со таа разлика што
на овој ден се молиме не само за упокојување на душите на војниците,
туку и за сите претходно упокоени. Од Русија, оваа пракса била пренесена
и во другите словенофони цркви, меѓу кои е и нашата Македонска
Православна Црква.
+ + +
http://preminportal.com.mk/content/view/13170/94/