- ”Излезе сејач да сее семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше згазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.” Откако го рече ова, извика: “Кој има уши да слуша, нека чуе!” А учениците Негови Го прашаа, велејќи: “Што значи таа парабола?” Он рече: “Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не виѓаваат, и слушајќи да не разбираат.
А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. Она, што падна покрај патот, се оние, кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; а она на камен – се оние, кои, кога ќе го чујат словото, со расост го примаат; но немаат корен и веруваат одредено време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат; тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние, што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод; а оние на добра земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение. “Штом го рече тоа, извика: “Кој има уши да слуша, нека чуе! – Лк 8, 5-15
- Во трњето кое го уништува Словото на Божествената вистина, освен богатството, насладите и животните грижи (Лк. 8,14), во нашето време треба ги видиме и различните лажни учења кои ги шират научници кои ја изгубиле вистината и заталкале од нејзиниот пат. Таквите учења кај нас се доста распространети: едни гласно и отворено одат против вистината, а други истото потајно го наговестуваат, користејќи термини сфатливи само за оние кои се упатени во таквите учења. Во суштина, тие делуваат како јаглен моноксид кој, кога незабележливо се вдишува, го помрачува умот и води кон губење на свеста за она што нè опкружува. Кој се надиши од тој гас, почнува да блада и сè гледа поинаку, т.е. како оној кој има поматен ум. Доколку сретнете таков човек, вие ќе видите дека во него е потисната секоја вистина, па дури и чувството за неа е пригушено, а лагата се вгнездила во сите делови на умот. Што треба да правиме со таквите појави? Не треба да ги слушаме и читаме таквите бладања. Доколку ненамерно и ги слушнеме или прочитаме, треба да ги исфрлиме од главата. А доколку не можеме така лесно да ги исфрлиме, треба да ги проанализираме, и сите ќе исчезнат како чад.
- Свети Теофан Затворник