Скопје, 4-ти март 2016 год.- харам на св. пророк Илија (н. Аеродром), на празникот на:
Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија
Јазикот мора многу да се намачи за да се искупи за секое празнословие и за сите свои падови и мора да ја стекне навиката за молитва. Навиката не може да се створи без труд и работа. За да дојде благодатта, мора да се пројави и смирение. После тоа патот ќе биде отворен. Молитвата ќе се прилепи за нашето дишење, а умот ќе се разбуди и ќе ја следи. Со време, страстите стивнуваат, помислите се повлекуваат, а срцето станува мирно.- Старец Ефрем Филотејски
Скопје, 5-ти март 2016 год.- храм на св.Петка (н.Црниче), на празникот на Преп. Тимотеј; св. Евстатиј Антиохиски (Задушница)
СИНАКСАР - Не спомнувај ги гревовите на умрените, ...
Стихови:
Не спомнувај ги гревовите на умрените, Слове,
Твоето милостиво срце да не држи лутина.
Во овој ден божествените оци озаконија да се прави помен на сите од века благочестиво упокоени луѓе, од следниве причини: прво, бидејќи има луѓе кои предвреме се упокоиле во туѓина, во мориња и непроодни гори, стрмнини и јами, во несреќи и од глад, пожари, ледови, бури и мразеви, и претрпеа и други видови смрт, како и други луѓе сиромашни и немоќни кои не биле придружени со потребните црковни молитви, божествените оци, научени од свештените апостоли, и движени од човекољубие, определија соборно да се прави заеднички помен, покажувајќи со тоа дека починатите имаат полза од молитвеното посредување на Црквата.
Второ, бидејќи наредниот ден (недела) е посветен на Второто Христово пришествие, погодно е да се прави помен и за душите на починатите, молејќи Го страшниот Судија да биде милостив кон нив. Во оваа недела се потсетуваме и на изгонувањето Адамово од рајот. Споменувањето на Страшниот суд има уште за цел да ни ја претстави сликата на Судот, за да покаже дека постот е богоугодно дело. Во сабота правиме помен за душите уште и затоа што сабота на еврејски значи покој, одмор. Оттука и секоја сабота е ден определен за спомнување на умрените, а во оваа сабота, пак, правиме заеднички (соборно) помен, молејќи се за секој благочестив. Затоа божествените отци, знаејќи дека правењето помени за умрените, односно милостините и службите, донесува големо олеснување и полза, откако го примиле тоа од апостолите, ова и го довериле на Црквата.
Со светиите упокој ги, Христе, душите на твоите слуги. Таму каде што нема ни болка, ни тага ни воздишка, но живот бесконечен.
Сам, Единствен си бесмртен, Кој си го направил и создал човекот, зашто ние земните од земја сме создадени, и во истата земја ќе се вратиме, како што си заповедал, Ти Кој си ме создал и си ми рекол: зашто земја си и во земја ќе се вратиш, каде што сите луѓе ќе отидеме, пеејќи надгробно ридание: алилуја, алилуја, алилуја.…
Преминпортал (к.т.)