11/24 март 2017 лето Господово
Нашите Свештени Обители, со својот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, вечерва ѝ ја упатија четвртата акатистна пофалба на Пречистата Владичица наша Богородица во овој Чесен и Велик Пост, молејќи ја повторно за мир и благосостојба на нашето христијанско општество. Зашто Таа, Сецарицата, „Која благомирисот Го роди – Царот единствен“, е навистина Заштитничката наша, Миротворителка најголема и Крепост неразрушлива.
Сестрите, пак, служителки на Богомајката во Нејзиниот Манастир „Пречиста“, денес се удостоија со посета од нашиот многупочитуван владика, Митрополитот Тимотеј, кој, заедно со о. Никола Христоски, им ја отслужи службата на Акатистот. „Многу се имињата на Марија“, говори великиот Св. Ефрем Сирин, а со него и сите ние, „и јас силно сакам да ја поздравам со тие имиња. Таа е храм, во кој обитаваше крепкиот Цар на царевите. Тој излезе од Неа не таков каков што влезе. Зашто излезе облечен со плот. Таа е и ново небо; зашто во Неа обитаваше Царот на царевите. Тој изгреа во Неа и дојде во светот, откако зеде од Неа образ и се облече во Нејзиното подобие.
Таа е винова лоза што го одгледа Гроздот. Таа го роди тој Плод не според чинот на природата; Плодот се јави од Неа, откако се облече во Нејзиниот образ.
Таа е извор; зашто живата Вода истече од Неа за жедните, и оние што вкусиле од тоа питие даваат стократни плодови... Со својот гревопад Адам и Ева ја внесоа во светот смртта, а Господ ни подари од Марија нов живот...“ (Св. Ефрем Сирин, Пофална песна за Божјата Мајка)
Извор: Бигорски манастир