Уште една радост за верните чеда на Австралиско – сиднејската епархија: Излезе од печат првиот број од епархиското списание „ПРАВОСЛАВИЕ“.
По промоцијата на официјалната веб страница на Австралиско-сиднејската епархија www.mpcaus.org еве и на овој празничен ден посветен на светиот великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден, ја имаме особената чест, по милоста Божја да Ве информираме дека со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј – излезе од печат првиот број од епархискиот гласник на новоформираната Австралиско – сиднејска епархија при МПЦ-ОА – списанието „ПРАВОСЛАВИЕ“.
Списанието „Православие“ претставува православно списание, кое сoдржи најразлични современи духовни теми, кои се поврзани со православната вера, култура и образование, кои се најнеопходни во црковната мисија за просветлување на православниот човек во Австралија. Исто така списанието содржи најнови вести од епархискиот живот.
Списанието е бесплатно и ќе излегува четири пати годишно.
Првиот број од списанието изобилува со најразлични духовни теми и истиот можете да го најдете во сите храмови на Австралиско – сиднејската епархија, како и на сајтот на епархијата.
Списанието е плод на веќе низата проекти на Епархискиот Просветен Одбор при епархијата, кој внимателно гледајќи ја актуелноста на изборот на содржината и квалитетот на изданието на списанието – заклучува дека Уредувачкиот одбор заедно со стручниот тим посветил големо внимание и труд, па ако според првенчето се оценува, ќе треба да очекуваме уште подобри наредни броеви.
На крај, на Редакцијата на списанието „Православие“ им честитаме и им посакуваме плодна и успешна работа во иднина.
Извор: Австралиско- сиднејска епархија