(9.08.2017 08:28)
На 8 и 9 август 2017 година, Велес го чествуваше споменот на својот патрон и заштитник, светиот великомаченик Пантелејмон. Oсма година по ред, чествувањето на овој празник беше одбележано и како празник на градот Велес, откако со одлука од Советот на град Велес, празникот на Светиот вмч. Пантелејмон почна да се чествува како официјален празник на градот, и покрај тоа што жителите на градот Велес неговата закрила ја чувствуваат многу одамна, за што сведочи и изградбата на Соборниот храм на Повардарската епархија, посветен на овој светител, по чии молитви, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век.
Празнувањето започна со Вечерна Богослужба на која голем број верници од Велес молитвено го просеа застапништвото пред Бога од светиот вмч. Пантелејмон, нивниот закрилник. Празнувањето продолжи со Духовна академија на која најпрво присутните ги поздрави заменикот на градоначалникот на општина Велес г. Петре Саздов, а потоа со пригоден говор до присутните се обрати Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Потоа следуваше настап на црковниот хор, кој исто така го носи името на патронот на градот, а по велелепните звуци од нашите хористи беше изведена монодрама за Велес на актерката Весна Димитровска-Бобевска.
Утредента на самиот празник, како централен настан на празнувањето, беше отслужена Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговот Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, како и бројно свештенство од целата епархија. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, а и по нејзиното завршување, не престануваа реки од народ да се движат кон Соборниот храм за да му се поклонат на својот закрилник, светиот Пантелејмон.
Извор: http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=6822