Вчера, на празникот на светите рамноапостолни браќа Методиј и Кирил, делегација на Македонската Православна Црква составена од Архиепископот Охридски и Македфонски г.г. Стефан, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Епископот Хераклејски г. Климент, се поклони на гробот на свети Кирил во Рим.
- Свети Кириле, денес во твојот и наш Солун е камен на камен од твоето дело! Денес во твојот роден град сѐ е пепел и прав и нема ни буква ни слово од јазикот твој и наш. Во крајот во кој сите тогаш говореа како тебе и како ние денес, забрането е не само говорењето и молењето на тој јазик, туку и постоењето. Денес, за жал, таму однесувањето е полошо од она на тријазичниците во твое време.... Таму се прогонува и протерува сѐ што е макеоднско, и се негира и името на земјата, и името на Црквата, се негира - вистината, рече во молитвената беседа поглаварот на Македонската Православна Црква.
- Гробот на свети Кирил останува отворено послание и потсетник дека светото дело пред Бога и народите останува како вечно запалено кандило кое најдалеку осветлува независно од временската и просторната дистанца. Во име на македонскиот народ и Црква му дојдовме 40 пати на поклонение, а ќе доаѓаме, заради него и уште повеќе заради нас, со Божја помош уште 40 и уште 40 пати. Ќе доаѓаме вечно - на поклонение пред Бога – вели архиепископот Стефан.