Деновиве, во Неделата на света Марија Египетска, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум излезе од печат „Великиот покаен канон“ на свети Андреј Критски, во издание на Манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свеште-номаченици“, Струмица.
Книгата е издадена по повод шеесет години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, и е посветена на света Марија Египетска.
Песна 6
Ирмос: Ме отфрли во длабочината на срцето морско и од ропството на смртта ме спаси, Спасителу, и од оковите на беззаконијата мои ме ослободи.
Припев: Слава Ти, Боже наш, слава Ти!
Си запрашал каде сум, Сезналецу, си ме исплакал, Спасителу, како Човек по природа, и мене, мртвиот, ме подигна со повелението Твое.
Ме повика, Спасителу, од адот најдолен – повика Лазар кон Тебе, Разрушителу на адот – и мене, мртвиот, ме подигна со повелението Твое.
Си ме облекол, Спасителу, во тело земјено и живот си ми вдахнал, и светлината Твоја ја видов, и мене, мртвиот, ме подигна со повелението Твое.
Безживотниот образ на плотта моја си го оживеал, Спасителу, и си ме зацврстил со коски и жили, и мене, мртвиот, ме подигна со повелението Твое.
Ја раскина сепроголтувачката утроба адска и ме грабна, Спасителу, со крепоста Твоја, и мене, мртвиот, ме подигна со повелението Твое.
Си ја зел на Себе, Спасителу, сета моја смеса, и чиста си ја сочувал утробата пречиста, низ која воплотен си минал, Ти Кој си Едниот од Троица.
Слава, троичен: Троице Света, го прославувам милосрдието Твое и со ангелите трисвета песна Ти пеам: Помилуј ги душите наши, нам, кои Те воспеваме.
И сега, богородичен: Во пречистата утроба Твоја се всели Словото, сочувувајќи ја, Богородице, и по рождеството чиста. Чудо, навистина преславно!
Извор: МПЦ-ОА