Денес, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, во просториите на манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица, се одржа промоција на книгата за деца „Венец на светоста“ од рускиот автор д-р Дмитриј Авдеев.
По тој повод беше организирана и изложба на која беа изложени сите цртежи што специјално ги изработија децата од училиштата во Струмица, а кои поради ограниченоста на бројот на страници не беа опфатени во книгата.
На сите деца им беа поделени благодарници за активен придонес во детската книга и за учество во изложбата.
Специјално за изложбата авторот испати писмо од Москва, во кое им се обрати на децата:
„Христос воскресна! Навистина воскресна!
Мили деца!
Во рацете ја држите книгата над која и самите работевте. Од сè срце ви благодарам за тој богоугоден труд! Ние со вас сме многу среќни луѓе. Ќе прашате: зошто? Затоа што имаме големо богатство – светата Православна вера. Нашата вера е вистинска и спасителна. Ние пред Бога имаме мноштво свети застапници. Тоа се нашите помошници и молитвеници за нас. Ги нарекуваме уште и свети Божји угодници. Светителите ги слушаат нашите молитви и ги вознесуваат кон Престолот Божји. И тоа лесно можете да го забележите. Само обратете му се на некој светител, помолете му се со цела душа и помошта сигурно ќе дојде. Детските молитви му се посебно угодни на Бога и на Неговите светители. Тие се вознесуваат на Небо како благопријатен мирис.
Мили деца, Бог нека ве чува! Чувајте ја Православната вера како најголемо богатство! Читајте за животот на светителите и обраќајте им се во своите молитви. Книгата, во која влегоа и вашите прекрасни цртежи на светителите, нека ви биде помошник на тој пат.
Искрено му благодарам на секого од вас поединечно. И на децата, чии цртежи не влегоа во оваа книга. Голема благодарност до сите!
Му благодарам на Владиката, митрополитот Наум, кој го благослови овој проект. Им благодарам на вашите учители, на преведувачот, на отец Димитар од манастирот Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, и на сите што учествуваа во издавањето на оваа книга.
Мили деца, ви посакувам крепко здравје, успеси во учењето и сè најдобро!“
Дмитриј Авдеев
Москва, 14.04.2018
Извор: МПЦ-ОА
Друго: