Европа со своите специфични континентални вредности, секуларноста како уставно начело и религиозното образование во Европа, како и неговата практика во Македонија, беа тема на дискусија во рамките на Научната средба, што во организација на Асоцијацијата на професори по наставниот предмет Етика во религиите „Просветление“, се одржа викендов на 02 јуни во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ во Охрид.
Во оваа длабока и инспиративна манастирска атмосфера, поткрепена со гостопримството на домаќинот, архимандрит Нектариј, со свои излагања учествуваа видни професори на повеќе катедри од високообразовните институции во Македонија, директори на разни институции, како и надворешни гости чијашто цел беше да дадат придонес во темата на Научната средба, насловена како: „Европа, секуларизмот и религиозното образование“.
Научната средба имаше чест да ја отвори Градоначалникот на општина Охрид, почитуваниот проф. д-р Јован Стојаноски, кој изрази особено задоволство што овој важен собир се случува во регионот на градот со кој тој управува. Градоначалникот Стојаноски даде голема поддршка за активностите на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите, истакнувајќи дека овој изборен предмет во образовниот систем би требало да премине во редовен предмет, со што најмладите уште во основно училиште ќе имаат можност да се запознаат со традициите и ќе научат што се етички норми и колку тие се важни за правилен развој во општеството, особено денес кога материјализмот, на некој начин, надвладеа над тие етички и духовни норми. Меѓу другото, беше констатирано дека во Охрид, во овој важен центар на нашата духовност, сè до сега од различни причини не беше изучуван изборниот предмет Етика во религии во училиштата, а беа предвидени и соодветни дејствија во законски рамки, за фер и транспарентно избирање на истиот.
Научната средба продолжи со предавањето на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, мр. Даријан Сотировски, кој се обиде со особено искрен тон да ги произнесе своите ставови во поддршка на религиозното образование. Тој ја истакна поентата за христијанска Европа и вредносното будење на личноста, што нераскинливо е поврзано со работата на професорите по Етика во религии, притоа нагласувајќи дека на овие професори мора да им се даде можност за и тие да го принесат својот позитивен дел во развојот на македонското општество. Меѓу другото, Сотировски додаде и дека „често има случаи кои отвараат дискусии во јавноста дали секуларноста е заштитена, односно повредена како уставно начело или темелна вредност. Секуларноста треба да се сфати како гарантирање широки, неприкосновени верски слободи и права на граѓанинот, на индивидуата. Истовремено тоа значи дека државата нема право да воспоставува или иницира религиозност кај широките народни маси. Таа е гаранција на правото на поединецот да практикува вера, но државата никако не смее да наметнува или фаворизира одредена вера“.
Во првиот дел од Научната средба завршниот збор го имаше д-р Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој доста импресивно и аргументирано ги приложи своите познавања во областа на Уставот на Република Македонија, во контекст на сфаќањето на поимот „секуларизам“ од страна на Уставниот Суд. Г-дин Спасеновски, во своето предавање „Основи на правото на верските заедници и на слободата на вероисповед“, постави „правна рамка на оваа широка и значајна област во Р. Македонија“. Спасеновски особено се осврна кон „разработување на идеолошко-политичките постулати кои наоѓаат свој израз во правните прописи, како и попрецизно разработување на карактерот на правните акти поврзани со оваа област“. Меѓу другото, како поранешен политичар, но и како искусен професор, г-дин Спасеновски ја потенцира и новата, поинаку нијансирана состојба во политичките кругови, но и во сите сфери на општеството во поглед на Православната Црква и другите верски заедници, истакнувајќи ја токму улогата на Православната Црква, особено на монаштвото и манастирите, како силни фактори во формирањето на позитивен и конструктивен став кај личностите, кон верата и кон Црквата како институција.
Вториот дел од Научната средба започна со предавањето на мр. Марија Ангеловска, експерт од Шведска во областа на меѓународното право и арбитражата, со фокус на човекови права, етничка разновидност, родова еднаквост и медиумска одговорност. Нејзиниот придонес кон оваа тема беше доста значаен, особено поради тоа што г-ца Марија го претстави односот кон религијата и религиозното образование во најсекуларната земја – Шведска, која ја гарантира верската слобода и религиозното образование. Мр. Ангеловска се осврнува на основниот проблем во Македонија, каде во однос на поимите секуларизам и религија се сè базира врз принципот „црно-бело“, притоа истакнувајќи дека во повеќето наши институции толкувањето на поимот секуларизам не е кристално јасно и се определува само со правните прописи.
Деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје Ѓоко Ѓорѓески, како и секогаш на најпријатен и длабоко богословски начин ги изрази своите согледби за релацијата помеѓу секуларизмот и религиозното образование, истакнувајќи ги притоа очекувањата од оваа Научна средба: што поскоро да се реши прашањето со статусот на предметот Етика во религии, посочувајќи дека токму сега се најсозреани условите овој предмет од изборен да биде воведен како редовен во образовниот процес.
Научната средба заврши со импресивното предавање на др. Ристо Солунчев, професор на Философскиот факултет во Скопје, кој на карактеристичен за него начин, даде важен придонес во областа на оваа тема, посебно осврнувајќи се на христијанскиот етос. Проф. Солунчев поентираше на овој научен собир со тоа што ја истакна неутралната зона која владее во нашето општество, притоа охрабрувајќи ги присутните да го искористат, и те како, поволниот секуларен принцип на уредување на државата за свој конструктивен раст и развој.
Асоцијацијата на професори по Етика во религии срдечно им се заблагодарува на сите учесници на оваа навистина значајна Научна средба, со која уште еднаш се покажа дека високообразованите кадри од Богословскиот факултет, знаат и умеат конструктивно да соработуваат, во насока на духовно-моралниот и интелектуалниот развој на граѓаните на нашето општество.
Извор: Бигорски манастир
2-ри јуни 2018 лето Господово