Постејќи браќа телесно, да постиме и духовно: да раскинеме секаков синџир на неправда; да скршиме секаква врска на суровите страсти; да раскинеме секаков список неправеден. На гладните леб да им дадеме, и бедните без покрив – во домовите да ги воведеме, за да примиме од Христа Бога милост голема.
(Стихира на Господи повикав)
Нема поголем рај за душата од молитвените часови поминати во тивкиот храм: од пробивниот звук на утринската камбана што те станува за молитва, од просветлените зборови на светите Отци што те подготвуваат да се задлабочиш во себе, од таинствениот призив на клепалото кој мистично те внесува во амбиентот на богослужбите, од созерцателните молитви кои ти го насочуваат умот кон мисловна средба со Бога, од умилителните стихири што во срцето го будат покајниот плач, но истовремено носат слатка утеха. Веќе влеговме во времето на постот, носејќи ја својата срдечна желба за покајание и надеж дека милоста Божја ќе ја покрие секоја наша неправда, ќе го разори во нас дувлото на гревот, ќе ни ги обнови силите за добродетелен живот. Сега сѐ се преобразува, носејќи го печатот на Постот.
Обновени од подвигот на целосното тридневно воздржание и потполно слеани со молитвениот дух на Великопосните богослужби, Бигорското монашко семејство со бројните присутни верни, радосно го дочекаа мигот кога најпосле се удостоија да се соединат со Оној со Кого непрестајно другаруваа овие три дена, Кој ги јакнеше нивните духовни сили и ги поткрепуваше во подвигот, невидливо осенувајќи ги со Својата животворна благодат. И колку само сладост во душата будат тие умилни изливи преточени во молитвени воздишки кон Најблагиот: „Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои – како жртва вечерна“. Со смирени мисли и светли души присутните пристапуваат кон Чашата на животот, за да се причестат со Началникот на вечниот живот. А благословот што се спушта на нив ги полни со нова ревност, за уште помолитвено да го поминат остатокот од оваа прва седмица и торжествено да ја објават победата на Православието.