Третиот ден од светлото торжество за тридневното Воскресение на Спасителот Христос, Бигорската Обител го заокружи со традиционалната молитвена и благодарствена пасхална литија околу Манастирот. Воскресенската радост што така обилно ги брануваше нашите срца на Светата Литургија возглавена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, се разлеа потоа и во околината, преку пасхалните стихири и победоносниот тропар, громогласно пеени од браќата и сестрите, но и од верните привлечени тука од силната благодат Божја. Излегувајќи од храмот, поворката на Воскресението се упати најнапред кон агиазмата во шумата под Манастирот, каде Старецот освети вода. Оттаму пасхалното шествие продолжи кон манастирската градина и скитот на Свети Серафим Саровски, а заврши со водосвет во фијалата и поклонение на светите мошти, на тие сведоци на Воскресението.
О, велика Пасха и најсвета, Христе, о, мудрост и Слово Божјо и сило! Дај ни да имаме потполно учество со Тебе во вечниот ден на Твоето царство.
https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/pashalna-litija-vo-bigorski-pokrsti/