Crown Point, USA - На 11, 12 и 13 јули, во храмот посветен на Првоапостолните меѓу апостолите и учителите на вселената, по повод патрониот празник на црквата"Св. Петар и Павле", во Краун Поинт, Индијана, беа одбележани патрони чествувања.
Во петокот на 11 јули, беше отслужена празнична Вечерна Богослужба со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополит Американско-Канадски г. Методиј во сослужение на парохискиот свештеник протоереј-ставрофор Томе Стаматов, протоереј Митко Поповски, ереј Рубинчо Ацевски и ѓакон Стеван Барјактаров. После вечерната Богослужба беше извршено осветување на свештенички садови.
Утредента, на самиот празник, беше отслужена Света Архиерејска Литургија. Во поуката, Митрополит Методиј истакна дека треба јасно да ја изразуваме верата како Св. Ап. Петар и со пламена ревност да го проповедаме Евангелието како Св. Ап. Павле.
По Литургијата беше направен празничен водосвет, пресечен славскиот колач и беше осветен новиот знак кој е поставен пред самиот храм и кој го прави целиот комплекс уште повелелепен.
Вечерта беше приреден свечен банкет на кој учениците од играорната група се претставија со кратка програма.
Во неделата, на 13 јули, беше отслужена Света Архиерејска Литургија, а потоа празнувањата продолжија со пикник организиран со богата програма и спортски натпреварувања.
Извор: АКМПЕ
Посети:{moshits}