логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Од уметничката ризница на Бигорскиот манастир

Почитувани присутни,

Ваше Блаженство,

Архиепископ Охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан

Архијереи на Македонската православна црква

Игумен и старец на Бигорскиот манастир, епископ Антаниски г. Партениј

Почитувани  академици,

Македонската академија на науките и уметностите со денешниот настан, промоцијата и отворање на изложбата Од уметничката ризница на Бигорскиот манастир, на особен и препознатлив начин се вклучува во одбележување на големиот јубилеј 1.000 години од основањето на манастирот Свети Јован Крстител Бигорски.
Академик Љупчо Коцарев

Говорам на особен начин, бидејќи изминатите години Академијата активно се вклучуваше во одбележување на повеќе големи и значајни настани од доменот на културната историја на Македонија и македонскиот народ. Во 2016 г.,  Академијата поддржана од УНЕСКО беше национален координатор и носител на прославувањето на 1100 години од упокојувањето на св. Климент Охридски, во таа пригода се организира голема изложба на портретите на св. Климент во Скопје и Охрид како и меѓународен научен собир Милениумското зрачење на свети Климент Охридски.

Минатата, 2019 г. во Ликовниот салон на МАНУ се организира големата изложба на оригинални дела, икони на Дичо Зограф со што се одбележа 200 години од раѓањето на овој наш најпознат зограф на 19 век.

Денеска, ја промовираме изложбената поставка на вредни уметнички предмети од ризницата на Бигорскиот манастир. Неговата милениумска историја придонела манастирската ризница да содржи стотина предмети, икони, икони на платно, плаштаници, хартиени икони, ракописни и старопечатени книги, поменици, литургиски богослужбени предмети и одежди, како и графички бакрорезни плочи. Од друга страна, историските околности влијаеле дел од вредностите и предметите на ризницата да бидат однесени од манастирот во музејските и архивските збирки, како и во конзерваторските депоа, со што многу малку од овие вредни уметнички драгоцености, кои во наредните дваесетина дена ќе можат да се видат, беа достапни за истражувачите, а уште помалку познати на културната јавност и на љубителите на старата уметност.

Веруваме дека големиот и, би рекол, единствен настан – 1.000 години од основањето на манастирот е пригоден повод и можност да се презентира барем дел од збирката и ризницата на манастирот, иконописни дела, дела од применетата уметност и книжевната традиција.

Почитувани,

Манастирот „Св. Јован Крстител Бигорски“ зазема исклучително место во историјата на македонскиот народ и на Црквата, како едно од најзначајните црковни и монашки средишта на Охридската архиепископија и чувар на вековните духовни, просветни и уметнички традиции.  Неговата милениумска историја се открива низ историските записи, ктиторските натписи, старите ракописи и уметничките дела со непроценливи вредности за нашата културна историја, а пред сѐ преку живото предание на монашкиот и духовниот живот низ кој манастирот израснува во црковно средиште на Реканскиот крај, Мијачијата и Дебарско, стожер и симбол на опстојувањето на македонскиот народ во пределите на западна Македонија.


Времето на основањето на манастирот и неговата најрана историја, поврзани со ктиторот, монахот Јован од Дебарско, кој станува поглавар на Самуиловата црква, а подоцна и првиот архиепископ на Охридската архиепископија, е многу малку познато и не може да се следи во целост. Манастирските поменици од XIV век говорат за веќе установен и развиен манастирски живот, додека оние од XVI век го бележат и подемот кога Бигорската света обител се издигнува во еден од неколкуте најзначајни манастирски средишта во потесната диецеза на Охридската архиепископија. Од овој период датира и најстариот Бигорски поменик, кој содржи и препис на постар манастирски поменик од времето на втората половина на XIV век, пишуван во форма на ракопис и минијатурно украсен со илуминација, во духот на најдобрите дела од времето на архиепископот Прохор. Во овој поменик, неслучајно, делот предвиден за охридските архиепископи започнува токму со името на овој најпознат охридски архиепископ од времето на 16 век.

Од овој период веќе можат да се следат и раните материјални остатоци поврзани со постариот манастирски комплекс и манастирски католикон, како и неколку значајни ракописи, сведоштво за живата препишувачка и скрипторска дејност во манастирот.  Од крајот на 16 век датираат и најстарите уметнички дела од манастирската ризница, меѓу кои и прекрасниот и раскошен иконостасен крст со Распетие Христово, Богородица и младиот апостол Јован. Од периодот на 17 век на уметничката ризница ѝ припаѓаат иконите на Богородица со Христос, на св. Петка и на св. Спиридон.

Тешките историски прилики од времето на втората половина на 17 век и првата половина на 18 век влијаеле и врз животот на Бигорскиот манастир, што резултира со многу малку извори и податоци. Овие неповолни околности се одразуваат и врз уметничката активност во манастирот, така што од тој период речиси нема некои позначајни уметнички потфати и уметнички дела.

Вистинскиот подем на манастирот започнува во последните години на 18 век и продолжува низ децениите од првата половина на 19 век. Како сведоштво за континуираниот литургиски и богослужбен живот во манастирот сведочат и неколкуте  литургиски одежди кои датираат од втората половина на 18 век. Важно е да се нагласи, дека овие литургиски одежди се дело на манастирската работилница предводена од мајсторите Георги и Константин, која речиси триесетина години активно и во континуитет дејствува и изработува литургиски одежди за потребите на манастирот. Единствена засега позната на просторите на Балканот од тоа време.

Некаде кон крајот на 18 век, во обновената и проширена манастирска црква се поставува иконостасот и се нарачуваат престолни икони на Христос, Богородица и св. Јован Претеча, на Царските двери, иконата на архангелот Михаил. Како дело на оваа зографска работилница е житијната икона на св. Јован Крстител, единствена во манастирската ризница.

Градежните и уметнички активности, кои во манастирот ги започнуваат кон крајот на 18 век, го најавуваат времето на големиот подем на манастирот во 19 век. Игуменот Арсениј  без сомнение, е најзначајната личност поврзана со историјата на манастирот во 19 век со чија активност и ктиторство се поврзани сите големи и значајни градежни и уметнички остварувања во манастирот. Овој енергичен и вешт игумен, целосно посветен на манастирот, најпрвин се зафаќа со проширување и доградување на манастирскиот комплекс, но и со внатрешно уредување и живиписување на црквата.

Арсениј, околу 1829 г., ги поканува зографите Михаил од Самарина и син му Димитар, кој по неколку години се придружува на манастирското братство како монах Данил, да ја започнат повеќегодишната работа околу сликањето на четириесетина икони за новиот иконостас, како и уште неколку со многу специфична и единствена тематика во иконописот од времето на 19 век. На уметничката ризница ѝ припаѓаат и двата литиски крста со раскошни резбани апликации во длабока копаница. Значајно е да се одбележи дека во годините кога овие двајца зографи сликаат во Бигорскиот манастир, како млад и надарен живописец им се приклучува и Дичо Зограф, кој овде ги добива и првите посериозни зографски поуки. Подоцна и самиот Дичо ќе наслика за манастирот неколку извонредно значајни иконописни дела, пред сè, кивот за мошти од 1848 г. и прекрасната икона на Богородица со патронот на манастирот св. Јован Претеча и големиот Киево – печерски подвижник св. Теофил.


Како вистински раритети во ризницата на манастирот се издвојуваат трите хартиени (графички) икони и една двострана графичка бакрорезна плоча, клише за печатење на овие икони. Оваа мала двострана бакрорезна плоча, всушност, е и единствената зачувана од времето на 19 век. Постарата графичка икона со претстава на св. Јован Крстител, патронот на манастирот, игуменот Арсениј ја нарачува во 1831 г., а изработена е од халкографот монахот Теофил на Света Гора и отпечатена во 1832 г. Иконата е реплика на постарата чудотворна икона од 17 век. Зачуваното бакрорезно клише е со помали димензии и на едната страна е графичката предлошка за иконата на Богородица Портаитиса, Ивиронска, а на другата (реверсна) страна се претставите на св. Јован Крстител и св. Никола под благословот на Христос од сегментот на отворените небеса. И двете иконографски теми се во непосредна врска со светогорскиот манастир Ивирон, кој го негувал култот на Богородица Портаитиса. Популарноста на овие хартиени (графички) икони во 18 и посебно во 19 век е голема и тие се издвојуваат како една од битните особености на уметноста од тоа време. Оваа промислена и визионерска определба на Арсениј неговиот манастир да поседува и да печати хартиени (графички) икони, а браќата монаси да ја изучат и негуваат оваа умешност и техника го вбројува Бигорскиот манастир во редот на неколкуте големи и престижни духовни и манастирски средишта на Балканот кои имале свои графички работилници – ателјеа. Од 1834 г., од времето на Арсениј, датира и манастирскиот поменик наречен Велики и Вечни, пишуван на пергамент и дрвена подлога поделен на неколку полиња раздвоени со профилирани столпчиња – колонети .

И денес, 1.000 години подоцна, Бигорскиот манастир, со возобновениот монашки и духовен живот, под игуменскиот жезол на старец Партениј, епископ Антаниски, достоен на сите негови претходници, ја продолжува традицијата и го живее преданието кое манастирот го чини препознатлив и единствен, вистинско црковно сокровиште на македонскиот народ и на Црквата.

МАНУ и во иднина ќе ги поддржува, научно афирмира и валоризира ваквите  јубилеи и годишнини низ кои се одбележуваат важни настани од нашето минато, традиција и историја.

 

 

 https://bigorski.org.mk/kolumni/1-000-godini-od-osnovanjeto-na-manastirot-sveti-jovan-krstitel-bigorski/

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Митрополит Струмички Наум:   Жената Хананејка (16.10.2021)

Митрополит Струмички Наум: Жената Хананејка (16.10.2021)

 Послушанието не е лесен подвиг и не е без искушенија. Затоа, до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва тоа е аскетски подвиг, подвиг на кој се принудуваме. Духовниот отец може...

Митрополит Пимен: ЗА Воскресението, гневот и пандемијата - „ЗБОРНИК НА КАРАНТИНСКИ БЕСЕДИ“

Митрополит Пимен: ЗА Воскресението, гневот и пандемијата - „ЗБОРНИК НА КАРАНТИНСКИ БЕСЕДИ“

Та Христос не воскресна само во Ерусалим, та Христос не воскресна само во храмовите. Христос воскресна за сите, за секој и секаде. Христос воскреснува во срцето на секој еден од...

Митрополит Струмички Наум: Сега... сакаш да имаш или да немаш?

Митрополит Струмички Наум: Сега... сакаш да имаш или да немаш?

Значи, наместо судење и осудување и самооправдување, Христос ни го покажува патот на самоукорување и самоосудување, патот напуштен од речиси сите денес; патот на смирението.Прашање е дали воопшто и можеме...

Митрополит Струмички Наум: Потсетник (06.10.2021)

Митрополит Струмички Наум: Потсетник (06.10.2021)

Денешното апостолско четиво (Гал. 6, 3) ме потсети на малиот број „христијани“, кои поради својата внатрешна душевна расцепеност и меѓусебната поврзаност по таа основа, се однесуваат како отцепени, не само...

Митрополит Струмички Наум: Двоедна заповед (03.10.2021 08:43)

Митрополит Струмички Наум: Двоедна заповед (03.10.2021 08:43)

Да не се лажеме себеси... Оној што ја има љубовта како дар на благодатта на Светиот Дух не може истовремено и да мрази. Нема тука место за обичните човечки чувства,...

Митрополит Струмички Наум: Љубовта ќе олади (01.10.2021)

Митрополит Струмички Наум: Љубовта ќе олади (01.10.2021)

Љубовта ќе олади кај тие што ја добиваат како дар Божји во Црквата, а не ја негуваат и не ја развиваат. Љубовта ќе олади кај христијаните, кај православните. Божествена љубов...

 Митрополит Стумички Наум: Тајната на личниот крст (29.09.2021)

Митрополит Стумички Наум: Тајната на личниот крст (29.09.2021)

Често луѓето имаат желба да се на местото на некој друг. Сакаат да ја имаат видливата власт и славата на другиот, сакаат да ги имаат видливите пари и имот на...

 архим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

архим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

 Митрополит Струмички Наум: Свадбена облека (25.09.2021)

Митрополит Струмички Наум: Свадбена облека (25.09.2021)

Свадбена облека е подвигот на очистување на срцето од страстите во послушание. Без овој подвиг никој не може да се нарече христијанин. За монасите и свештенството свадбена облека е нешто...

« »