„Благодат врз благодат“ на празникот на проповедникот на Триличносниот Бог
Злетово, 25 декември 2020 лето Господово- манастир Св. Спиридон
Без никаков сомнеж, можеме и ние заедно со Светиот Апостол Павле да заклучиме: „Браќа, таков првосвештеник и ни требаше, свет, незлоблив, непорочен…“ (Евр. 7, 26), кој се моли и принесува жртви за нас во „небесната Скинија, којашто ја воздигна Господ, а не човек“ (Евр. 8, 2).
Светиот Спиридон, гласникот на слободата, на милоста, на радоста, љубовта и славата Божја, како најдобар пастир не го остави своето стадо ни после своето блажено успение. Напротив, како наш застапник и молитвеник пред тронот на Триличносниот Бог, тој е сега поблиску до нас, бидејќи достигнал полно обожение на душата и се сродил со Христа.
На 25.12.2020 година кога го чествуваме споменот на Светиот Спиридон Чудотворец, кој е заштитник и патрон на истоимениот женски манастир во Злетово, метох на Лесновската обител, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички господин Иларион во сослужение на повеќе свештеници отслужи Света Архиерејска Литургија.
„Ако сакаш да го пронајдеш патот што води кон животот, тоа барај го во оној Пат, Кој Сам за Себе вели: Јас сум патот, вистината и животот (Јн. 14, 6), и таму ќе го пронајдеш. Но, барај го со голем напор, зашто малкумина го наоѓаат (Мат. 7, 14); во спротивно, ќе отпаднеш од тие малкумина, и ќе бидеш во мнозинството.“ поучена од зборовите на Свети Максим Исповедник, со својата слободна волја искушеничката Милка го зеде на себе монашкиот јарем, со ново име Матрона.
А монахиња Серафима го прими игуменскиот чин.
Светителу, отче наш Спиридоне, со твоите слаткомирсни молитви кон сецарот Христос, изгони го злосмрдието на страстите од нашите души, и непорочни жители на Царството покажи нѐ, а новите чинови на сестрите нека им бидат за радост на ангелите и пораз на демоните!
Злетово, 25 декември 2020 лето Господово- манастир Св. Спиридон
28ми декември 2020 лето Господово
За Преминпортал подготви
Дејан Блажески