17. јануари 2021 година
Недела пред Богојавление (Зач: Марко 1; Мк 1,1-8)
Светиот апостол и евангелист Марко го започнал своето евангелие со објавата дека во светот доаѓа најпрво оној кој му приготвува достоен пат на Спасителот. Овој апостол Христов ни го прикажува свети Јован Крстител како лав кој вика во пустината; оној кој повикува на покајание; оној кој ги повикува и подготвува сите кои сакаат да направат нешто за себеси и за својот живот. Да се направи нешто за себеси е повик за поглед во сопствената внатрешност и осознавање на сопствената грешност која боли и ја разјадува човечноста во секого. Најавата на претходникот е како рикање на лав во пустина - страшно, вознемирувачко, а таква е и сликата на огревовената личност.
Токму затоа, светиот апостол и евангелист Марко, во христијанската симболика, е прикажан како лав. Лавот, како симбол на сила, како ѕвер пред кој сите бегаат, како што бегаат оние слабите и неподготвени за покајание пред силината на проповедта на свети Јован Крстител. Овој апостол Господов го започнува своето сведоштво за спасителната дејност Христова, своето Евангелие, со силата на повикот на свети Јован Претеча.
„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!" - со овие зборови свети Јован ја започнал својата проповед. Овие зборови можеме да ги кажеме секогаш и во секое време; нема да погрешиме било која проповед да ја започнеме со овој свет повик. Покајанието било лек и тогаш и низ времето и на денешен ден. Без покајание и лично и народно не сме способни да го прифатиме Спасителот - премногу земни мудрувања го окупираат човечкото срце денес, што само покајанието е лек и можност земните грижи да се тргнат на страна и да му допуштиме на Бога да се всели во целото наше битие.\
Бог, преку Својот претходник, свети Јован Претеча ни пружа неизмерно благо - покајание за гревовите. Портите на покајанието се отворени, а духовниот суд веќе не е страшен, но праведен за сите кои со покајанието ќе ја очистат својата душа.
Свети апостол и евангелист Марко од денес најавува голем праведник. Ете, тој, плодот на бездетноста го објавил доаѓањето Христово, најпрво како Спасител од гревот, смртта и ѓаволот, а потоа и како Сеправеден Судија. Свети Јован Претеча и Крстител станал прв пример за пустиножителство и прва поткрепа за мачеништвото - прв пример за исповедништво во овој новозаветен свет.
...
...
Се појавува и блеснува како совест на избраниот народ, најпрво богоизбраниот, а потоа и новокрстениот. Сето ова го зборува човек од пустината, со својата праведност и чесност; ова го проповеда човек кој што во еден момент ја премостува историја од стариот и новиот век - кој што станува мост помеѓу старозаветното одмаздничко „око за око" и новозаветното братољубиво „вртење на другиот образ".
Бог, по молитвите на светиот апостол и евангелист Марко, на свети Јован Претеча и Крстител Христов, да не спаси и помилува.
Амин.