Скопје, 15ти мај 2021 г.- храм Рождество на Пресвета Богородица
Пренос на моштите на Свети Атанасиј Велики
На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив. А животот и подвигот на овој светител се опишани под 18 јануари: Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
Тропар
Ти си бил столб на Православието, утврдувајќи ја Црквата со божествените догмати, свештеноначалнику Атанасие; проповедајќи Го Синот, Кој е едносуштен на Отецот, си го посрамил Ариј. Преподобен оче, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема.
Кондак
Откако го насеа православното учење, го исече трњето на погрешното учење и го умножи семето на верата, со Духот поросено. Затоа те воспеваме, преподобен Атанасие.