На 24 јуни 2007 година, на четвртата недела по Педесетница, на денот кога Православната Црква ги празнува светиот апостол Вартоломеј и светиот апостол Варнава, Митрополитот г.Горазд во сослужение со Митрополит Европски г.Пимен, Митрополит Брегалнички г. Иларион отслужи Архиерејска Божествена Литургија во црквата на свети Димитриј во Скопје.
Архиепископ Охридски и Македонски г.г.Стефан:
„ Еве денес молитвено со Светата Литургија во храмот посветен на Св. великомаченик Димитриј, во храмот кадешто пред 30 години беше извршена хиротонијата во епископски чин на Митрополитот Горазд, одбележавме 30 години епископство во Македонската Pравославна Црква.
Гледано од денешен аспект, од денешно време, тие години беа исклучителни по Македонската Православна Црква. Кадровски, Македонската Православна Црква тогаш како да имаше почувствувано еден неизбежен вакум, една промена на генерациите и изборот на епископот тогашен Горазд во највисокиот клир на Македонската Православна Црква, значеше вистинско освежување. Тој во овие 30 години беше архереј, ќе речам, на послушание во Македонската Православна Црква. По она што го слушнавме од Светото Евангелие денес, тој одеше таму кадешто ќе беше пратен и се враќаше таму кадешто сметаше Македонската Православна Црква повторно да го повика и да го постави. Беше пратен во Битола, потоа во Злетовско-струмичката епархија, па во Струмичката епархија и еве своите пензионерски денови ги дочека како Митрополит на Европската епархија, од кадешто кога го повика Македонската Православна Црква да ја ослободи таа епархија, тој послушно тоа го направи. Од името на Светиот Архиерејски Синод, свештенството, на верниот народ на Македонската Православна Црква, искрено му посакуваме уште многу, многу години.“
Митрополит г. Горазд:
Во почетокот имаше повеќе епархии отколку архиереји. 4-5 години бев архиереј во Pеспанско-битолска епархија, па според потребата на Светата Црква бев во Злетовско-струмичката епархија, па потоа ја обновив Струмичката епархија како самостојна кадешто бев 5 години. Најмногу бев во Европската епархија - 12 години и таму од 14 црквени општини во Европската епархија ги направивме 31 црковна општина. Поставивме големи темелници на МПЦ. Ги возобновивме и организиравме скоро во сите држави, а особено во Германија - 14 црквени општини. Така да задоволни сме со нашата 30 годишна дејност.
Оваа година МПЦ одбележува 40 години од автокефалноста и јас сум во тоа славје. Имам 40 години свештеничка служба и со деветте години Богословија и факултет значи дека пола век сум посветен на Македонската Православна Црква и ценам дека таа се движи на добар пат и ќе дојде време кога ќе и ја признаат автокефалноста, којашто и сега ја има. Правото сепак е на наша страна.“
ПреминПортал